Шефовите на држави или влади на 27-тe земји-членки на Европската унија денеска најавија заострување на санкциите против Русија, доколку Москва не ги осуди акциите на проруските сили и не почне со спроведување на договорот од Минск.
Во заедничко соопштение на лидерите од ЕУ најостро се осудива артилерискиот напад на проруските сили врз приморскиот град Мариупољ, во кој загинаа најмалку 30 лица.
– Постојат докази за континуирана и се поинтензивна поддршка од Русија на сепаратистите, што ја нагласува одговорноста на Русија – се наведува во заедничкото соопштение.
Шефовите на држави или влади на 27-те земји-членки на Европската унија им дадоа инструкции на своите министри за надворешни работи на вонредната седница на Советот за надворешни работи на ЕУ в четврток да бидат разгледани неопходни акции, а особено нови рестриктивни мерки, кои ќе имаат за цел примена на договорот од Минск.
Советот на ЕУ ќе даде конечен став за санкциите најавени на неформалниот самит во Брисел следниот месец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.