Негувањето на националните празници, како и развојот на целокупните општествени односи отсекогаш биле најдиректно поврзани со почитувањето на традиционалните вредности. Ова го истакнува претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски во честитката упатена до припадниците на српската етничка заедница во Република Македонија по повод празникот Свети Сава.
– Делото на овој просветител и светец е значајно за српскиот народ, но и за духовното и историското наследство на овие простори на кои има оставено траен белег во ширењето на христијанството. Би сакал да истакнам дека српската заедница во Република Македонија е составен дел од нашата држава во која заеднички треба да ги негуваме принципите на меѓусебно почитување и соживот на сите национални заедници, посочува Вељаноски.
Негувањето на овие вредности и принципи, како што е наведено во честитката, придонесуваат да градиме успешна иднина за сегашните и за генерациите што доаѓаат.
– Убеден сум дека нашите заеднички определби се со цел активно да придонесуваме во развојот на Република Македонија и во изградбата на модерна и економски развиена држава во која се почитуваат верските права и културните особености. Тоа е нашиот заеднички императив и влог што ни отвора можност сигурно да чекориме кон евро-атлантската интеграција, стои во честитката на Вељаноски до припадници на српската етничка заедница во Македонија.
Во Македонскиот народен театар вечер од 19 часот ќе се одржи Свечена Светосавска академија по повод националниот празник на Србите во Македонија и Денот на свети Сава.
На Академијата ќе гостуваат Дивна Љубојевиќ и етногрупата „Мелоди“ со концерт „Хоризонтите на православието“, Белградско народно позориште ќе настапи со „Кога свети Сава одел по земјата“, браќа Теофиловиќ ќе изведат српски духовни пасторали, а Државниот ансамбл „Венец“ од Грачаница ќе се претстави со песни и игри од Косово и Метохија.
Денот на свети Сава, 27 јануари, е неработен за Србите во Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.