| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува конзервацијата и реставрацијата на икони во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Ново Село, Штипско

Со поддршка од Министерството за култура, во тек е реализацијата на проектот за отворање галерија на икони во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Ново Село, Штипско. Во согласност со проектот кој се одвива во неколку фази, во целост е завршена конзервацијата на 35 икони кои се дел од богатиот фонд на икони со кои располага црквата.

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип оваа година интензивно работат на конзервацијата и реставрацијата на уште 30 икони кои се дел од вредната колекција на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Заштитата на ова вредно културно наследство ќе продолжи и со конзервација и реставрација на дел од црковните предмети кои биле употребувани за одржување литургија, како и со конзервација на северниот и на јужниот иконостас.

За следната година е планирана конзервација на уште 25 икони и метални предмети кои ќе бидат во функција на галеријата на икони „Успение на Пресвета Богородица“, а е планирана и реализација на конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата на црквата, осветлувањето и видеонадзорот на галеријата. Со реализација на овој мошне значаен проект Ново Село ќе добие уште еден значаен простор за промоција на културата.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица” – Ново Село, Штип, е изградена во 1850 година од градителот Андреја Дамјанов и неговата тајфа и претставува трикорабна базилика со пространи галерии на катот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top