Независната продукција „Театар 007“ и во новата 2015 година, продолжува со редовниот репертоар, кој стана пракса во изминатите четири години на „Малата сцена“ на Универзална сала – Скопје.
Оваа седмица, на 30 и 31 јануари, 2015 со почеток од 21 часот, на Малата сцена во Универзална сала-Скопје, ќе биде изведена последната продукција на „Театар 007“, комедијата „Централ парк-Запад“ од Вуди Ален, во режија на Игор Ивковиќ.
– По успешната премиера на 10 декември и првите три репризи, интересот за комедијата „Централ парк-Запад“ од Вуди Ален, се уште е голем. Секако на наше задоволство и во интерес на публиката, за крајот на овој месец се закажани два нови термини за изведба на оваа претстава -вели Миодраг Костиќ, продуцент на „Театар 007.
„Централ парк-Запад“ не е обична комедија, туку таа е и отворена психолошка сеанса за публиката. Преку петте различни карактери на Филис, Керол, Хауард, Сем и Џулиет, оваа претстава со молскавична брзина го води гледачот низ мноштво најразлични ситуации кои кулминираат со неочекувани пресврти и изненадувања.
Во неа играат: Ирена Илиевска, Ангела Наумоска, Марко Богдановски, Јеткин Сезаир, Елизабета Клинчаревска-Младеновска. Сценографијата и костимите се на Маре Трајковска.
Билетите за претставата се ограничени. Цената на еден билет изнесува 200 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.