| четврток, 6 декември 2018 |

Екстрадирана Жанета Баша, осудена за трговија со малолетни лица

policija

Грчките органи на прогонот ја екстрадираа 54-годишната Жанета Баша од Гостивар која е пренесена во затворот Идризово на издржување на пресудената затворска казна од 10 години за кривично дело трговија со малолетно лице,  соопшти  Министерството за внатрешни работи.

Баша се бараше преку Интерпол со меѓународна потерница распишана на 6 април 2014 година по наредба на Основниот суд Гостивар, а беше лишена од слобода во Грција на 22 септември минатата година,  по што и беше изречена мерка притвор и отпочна постапката за нејзина екстрадиција.

Основниот суд Гостивар во 2012 година ја прогласи за виновна за сторено кривично дело трговија со малолетно лице и и изрече казна затвор.

МВР соопшти дека Баша се товарела за трудово и сексуално експлоатирање на малолетнички кои работеле како келнерки и придружнички на гости во угостителскиот објект „Делфина“ во Гостивар и по наредба на обвинетата давале сексуални услуги во нејзиниот стан и во мотелите „Елита“, „Монако“ и „Игнација“ во Гостивар, како и во други мотели за износ од 2.000 до 3.000 денари за клиент. 

Покрај затворската казна, судот во Гостивар ја задолжил Баша на оштетените да им исплати надомест на нематеријална штета во износ од по 400.000 денари, во рок од 30 дена од правосилноста на пресудата, согласно со Законот за облигациони односи. За остатокот од имотното-правно побарување оштетените биле упатувени на спор, информира МВР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top