Шест лица загинаа во снежна лавина на француските Алпи, во масивот Кејрас, соопштија француските власти.
Како што пренесува дописникот на МИА од Париз, сите загинати биле искусни планинари и скијачи, членови на Францускиот алпинистички клуб. Тие биле на возраст од 50 до 70 години, добро опремени, а меѓу нив имало и две жени.
Нивното исчезнување беше сигнализирано вчера околу 18 часот, по што е организиарана потрага која беше прекината рано изутринава во два часот и продолжена во осум часот.
Спасувачките екипи уште вчера вечер ги локализираа трите тела, а утрово другите три.
– Тие го загубија животот во голема снежна лавина, која започнала при нивното минување, соопшти префектурата.
Според властите тие најверојатно биле жртва на „снежна плоча“, снег кој се наслојува носен од ветерот и кој е нестабилен поради неговата тежина.
Планинарите иако искусни и добро опремени не успеале да ја избегнат несреќата, затоа француските власти повикуваат на голема внимателност на сите оние кои заминуваат на прошетка во планинските масиви или на скијање надвор од патеките.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.