| четврток, 6 декември 2018 |

Приколка натоварена со боци гас паднала во провалија кај Гостивар

Приколка натоварена со боци (шишиња) наполнети со хелиум, азот и аргон, пропаднала во провалија, откако се откачила од камионот кој се движел вчера вечер, околу 18:30 по магистралата Гостивар – Кичево.

Според полициски извори, од сé уште неутврдени причини, на камион „сканија” со албански регистерски таблички, во близина на „Сретковски мост” му се откачила приколката, која што ја пробила заштитната ограда и пропаднала во провалија длабока над сто метри.

По пријавата, било утврдено дека товарот се состоел од шишиња наполнети со повеќе видови гас. Камионот и товарот биле сопственост на фирма од Република Албанија.

Од полицијата информираат дека по извршениот увид на јавниот обвинител и крим техника, местото е обезбедено и се вршат проценки дали може да дојде до поголеми последици по околината и здравјето на луѓето.

Набрзо по несреќата била повикана и специјализирана екипа која треба да утврди какви ризици постојат од оваа несекојдневна сообраќајна незгода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top