| четврток, 6 декември 2018 |

Лакавица трипати поголема од Вардар, големи штети од поплавите во Штипско

Реката Лакавица е сега трипати поголема од Вардар, од браната Мантово истекуваат по 20 кубни метри вода во секунда… За жал имаме поплавени големи земјоделски површини и поплавени куќи од Лакавица, но проблем е и надојдената река Отиња, која во Штип го оштети мостот кај црквата Свети Никола, а никогаш досега не била повеќе надојдена, објасни за Плусинфо градоначалникот на општина Штип, м-р Илчо Захариев, претставувајќи ја ситуацијата со поплавите во Штип и во Штипско.

Тој вели дека по четири прелевања на браната Мантово за малку повеќе од две години, мора сериозно да се размисли и нешто да се презема за да се спречат вакви ситуации во иднина.

Градоначалникот на Штип вели дека Кризниот штаб постојано заседава, ангажирани се јавните претпријатија, Територијалната противпожарна единица, полицијата, Македонија пат, за да се интервенира по потреба.

Захариев вели дека е проблем и надојдената Бучинска река, а поради поплавите во прекин е патот од Штип кон општина Конче, има прекин и на патот за селото Брест, на патот за селото Суво Грло, за Степанци, Пухче, и има прекини на три места на патот Штип – Радовиш.

– Ние упативме апел до населението до 20 километри од браната во правец на Штип да се евакуираат, а посебно жителите на селото Лакавица. Мислам дека мора сериозно да се размисли зошто ова се случува со браната Мантово… Во 2013, двапати во 2014 година, и сега на почетокот на 2015….- вели Захариев за Плусинфо.

Тој вели и дека реката Отиња во Штип никогаш не била поголема и се заканува да направи поголеми проблеми, а и со досегашното прелевање се предизвикани штети.

– Оштетен е мостот кај црквата Свети Никола, но ова со Отиња е невидено досега. Сепак, ја контролираме ситуацијата, но очекуваме и нови проблеми – вели Захариев.

Отиња се прелеа попладнево во центарот на Штип, а според досегашните сознанија, до пладне во градот наврнале 35 литри дожд на квадратен метар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top