Поголемо искористување на ЕУ фондовите и размена на искуства како тоа да се постигне е целта на „Бизнис иновацискиот форум 2015” што денеска се одржа во Скопје во организација на општина Гази Баба.
На настанот присуствува претставници на три големи европски мрежи, ЕБАН – мрежа на бизнис ангели од Европа, ЕБН – мрежа на бизнис иновативни центри од Европа и Вест БИЦ – ирската мрежа на бизнис иновативни центри кои посотојат веќе дваесетина години и континуирано го помагаат растот и развојот на компаниите со кои соработуваат. Беше посочено дека е предвидено во општините Гази Баба и Тетово да се отворат првите бизнис иновативни центри во Македонија.
Вицепремиeрот за економски прашања Владимир Пешевски во своето обраќање на бизнис форумот посочи дека иновацијата е еден од клучните двигатели на економскиот развој и додаде дека токму зголемувањето на конкурентноста и економскиот развој врз основа на знаењето и иновациите е еден од приоритетите на Вадата.
– Владата ги поддржува иницијативите во насока на подобро искористување на ЕУ фондовите, особено оние кои доаѓаат од локалната власт. Токму зголемувањето на иновативноста во македонските компании е една од главните цели на Владата за следниот период. И преку Националниот совет за претприемништво и преку Фондот за иновации се креираат и мерки и политики со кои се поттикнува иновативноста, бидејќи таа постепно станува пресудна во креирањето на конкурентноста на секоја држава – рече Пешевски.
Тој посочи дека како резултат на тоа што е досега напревено Македонија бележи скок на табелата за глобална конкурентност за 10 места за 2014 година и во овој момент во регионот претставува најконкурентна економија после Бугарија.
– Се надевме дека ќе продложиме да го подобруваме рангот и во идниот период. Рангирањето не е најбитно туку реалните резултати на македонските компании од кои некои во изминатиот период преку иновации и успешно работење од мали семејни фирми прераснаа во средни компании. Се надевам дека тие преку искористување на ЕУ фондовите ќе имаат и пристап до европските пазари што е и една од целите на денешната средба – потенцира Пешевски.
Градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски оцени дека на денешниот бизнис форум има можност да се размени искуство со бизнисмените од Македонија и странство и да се разгледа можноста за заедничка соработка во насока на искористување на ЕУ фондовите.
– Општина Гази Баба во изминатиот период со повеќе партнери склучи договор за заедничка соработка и формира конзорциоум во кој членуваат претставници од академскитот, јавниот, приватниот и невладиниот сектор. Целта ни е заеднички поуспешно да се подготвиме за искористување на ЕУ фондовите – потенцира Трајковски.
Илија Вучков, директорот на Центарот за знаење и иновации ЕМКИЦЕ рече дека европските мрежи со синхронизирана соработка со приватниот, јавниот, академскиот и невладиниот сектор веќе успеале и повеќето компании со кои соработуваат имаат раст и развој.
– Овој модел функционира и ние сакаме да го имплементираме за наши услови. Целта е да се создаде систем преку кој нашите компании ќе можат директно да имаат партнери во делот на бизнисот, но и во делот на развојот на иновации и зголемување на нивната конкурентност. Тоа ќе значи дека веднаш ќе имаат пристап до европските пазари и до партнерите на европските мрежи, а за нивна промоција на располагање ќе им биде и Канцеларијата на ЕБН во Брисел – потенцира Вучков.
Азир Алиу, претседателот на Асоцијацијата на бизнис ангелите од Турција најави дека во април нивна делегација на инвеститори ќе ја посети Македонија и оти ќе се обидат да најдат заинтересирани стартап компании за коинвестирање. Тоа посочи ќе биде и добар пример за цела Југоистична Европа.
Хуан Мануел Ревуелта, директорот на Европската фондација за финасирање иновации на регионално и локално ниво – Финоварегио посочи дека имаат многу искуство во јавно-приватното партнерство во областа на иновациите во туризмот, менаџирањето со отпадот, намалувањето на емисијата на ЦО2 и обновливите извори на енергија .
– Сметаме дека Македонија има многу потреби и можности да развива одржливи нови работни места преку соработка со европските мрежи – рече Ревуелта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.