Иако статистиката покажува дека Македонците не се многу загрижени за сопственото орално здравје, искуствата на д-р Гордана Жунгулова, специјалист по стоматолошка протетика, велат дека луѓето во Македонија сè повеќе посветуваат внимание на своите заби. Едукација и мотивација на пациентите, редовни контроли, правилна орална хигиена, контрола на консумирањето шеќер, отстранување на денталниот плак, премачкување со флуор, користење вода за плакнење на забите, се дел од превентивата. Залевањето на првите трајни молари и создавањето здрави навики кај нашите најмали се првите чекори кон поздрави заби.
Генерално, дали Македонците се грижат за својата насмевка? Какви се навиките за одржување на оралното здравје?
ЖУНГУЛОВА: Една од нашите обврски е подигнувањето на свеста кај луѓето за грижа за оралното здравје. Редовните прегледи кај стоматолог, раното и континуирано запознавање со правилната орална хигиена, едукативните статии за грижа за здравјето кои ги преплавуваат медиумите, желбата за убава насмевка, сè повеќе придонесуваат за стекнување здрави навики за одржување на оралното здравје. Луѓето во Македонија сè повеќе се грижат за високата функционалност и за естетиката на своите заби. Во последните години се чувствува значителен напредок, но сè уште заостануваме во споредба со западноевропските земји и затоа е потребно да работиме на полето на оралното здравје, пред сè ние како приватни стоматолози за да имаме задоволни и здрави пациенти.
Во Македонија кариесот, но и другите орални болести, сè уште е сразмерно почест во споредба со другите западноевропски земји. Што треба да се направи за да се намали кариесот?
ЖУНГУЛОВА: Кариесот и параденталните болести денес се најчести заболувања на човекот кои имаат големо здравствено, социјално и економско значење, а кај нас се еден од најзначајните социоекономски проблеми. Според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), кариесот сè уште претставува светски здравствен проблем. Кариесот го карактеризира разградба, т.е. разорување на тврдите забни ткива, која почнува со деминерализација на емајлот и прогресивно напредува во длабочина и во широчина зафаќајќи ги останатите ткива на забот – дентинот и забната пулпа. Бидејќи основата на ова заболување е бактериска инфекција, може да се спречи и затоа е важно да се преземаат превентивни мерки. Едукација и мотивација на пациентите, редовни контроли, правилна орална хигиена, контрола на консумирањето шеќери, отстранување на денталниот плак, премачкување со флуор, користење вода за плакнење на забите, се дел од превентивата. Залевањето на првите трајни молари и создавањето здрави навики кај нашите најмали се првите чекори кон здрави заби.
Каква храна треба да се избегнува за да се намали кариесот?
ЖУНГУЛОВА: Начинот на исхрана битно влијае врз развојот на кариесот. Главна храна на бактериите од денталниот плак се концентрираните шеќери. Тие се многу привлечни, вкусни, достапни во сите облици и се многу застапени во секојдневната исхрана. Најштетни се лепливите шеќери (бонбони, чоколади, карамели, локум), кои се лепат на забите и долго се задржуваат на предилекционите места за кариес – јамичките и фисурите на забите. Големо влијание има нивната зачестеност – колку почесто толку поштетно. Значајно влијание има и начинот на нивното консумирање, подобро е да се консумираат во склоп на оброкот отколку како меѓуоброк. Белиот леб, исто така, претставува храна која го зголемува ризикот од кариес. Црниот леб се препорачува поради целулозата и потребата подолго време да се џвака, што доведува до поголемо лачење плунка, а со тоа и до поголемо самочистење на забите. Важна е и цврстината на храната, меката храна придонесува за развој на кариес. Овошјето, зеленчукот, млекото и млечните производи се одлични за забите, но, сепак, не треба да се претерува со употребата на овошје што содржи големо количество киселини (цитрони, лимони) затоа што можат да предизвикаат деминерализација на емајлот.
Кои заболувања може да настанат поради неадекватна грижа за оралното здравје?
ЖУНГУЛОВА: Грижата за оралното здравје има голем удел во грижата за општата здравствена состојба на организмот. Недоволното џвакање на храната може да предизвика гастроинтестинални нарушувања, додека многу дентални нарушувања може да дадат реперкусии и врз многу сериозни заболувања и состојби. Запоставените, нелекувани хронични бактериски инфекции во устата, познати уште како фокални жаришта, може да предизвикаат заболувања на зглобовите, срцето, бубрезите, очите, кожата. Болестите на устата и забите се болести и на целиот организам, затоа е важно навреме да се откријат и да се вклучат во процедурите за поставување дијагноза кај овие здравствени состојби.
Кои се предупредувачките знаци за заболувања на непцата?
ЖУНГУЛОВА: Еден од предупредувачките знаци за болести на непцата е крвавење на непцата (гингивата), кое најчесто пациентите го забележуваат при четкање на забите. Гингивата е црвена, отечена, но може да биде и повлечена. Една од почестите причини за посета на стоматолог е лошиот и непријатен мирис од устата, што, исто така, е еден значен предупредувачки знак. Натаму се јавува и нарушен загриз и миграција на забите, а како краен и веќе доцен знак е расклатувањето на забите. Грижата кај гингивалните и пароденталните болести мора да почне многу рано и бара голема упорност од пациентот. Кај овие заболувања е од особена важност превенцијата и ние како стоматолози сме должни да го подигнеме нивото на свесност кај пациентите за редовна посета на стоматолог и континуирано да работиме на разбирањето на пациентите за правилна и редовна орална хигиена.
Колку Македонците ги следат трендовите за избелување на забите, носење протези со украси (кристали „сваровски“ и слично)?
ЖУНГУЛОВА: Здравите и убави заби се одраз на здравствената култура и имаат силно влијание врз нашиот изглед и, секако, индиректно дејствуваат на нашата позиција во општеството. Оттаму потекнува трендот во целиот свет, па и кај Македонците кон разубавување на насмевката. Денес естетската стоматологија е во подем и нуди широк дијапазон на услуги во корист на убавината. Сè попопуларното белеење на забите може да биде со помала концентрација на гелот, кое се одвива во домашни услови, или со повисока концентрација, што се извршува во ординација. За минимално стругање на забите, со што се добива висок естетски момент, се користат забни лушпи. За комплетно прекривање на забот за да се врати неговиот природен облик, големина, боја, цврстина и функција се изработуваат керамички коронки. Тие може да бидат метално-керамички, кои во основата имаат челик или титан, или, пак, циркониумови, т.е. без метал. Циркониумот е висококвалитетен материјал кој се одликува со квалитет и со биокомпатибилност, а во исто време нуди природен изглед на забот. Кај пациентите на кои им недостига еден заб, а соседните заби се здрави и немаме потреба од нивно стругање, средство на избор се забните импланти.
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 124. број на неделникот „Република“, 16.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст