Моликата и охридската пастрмка одамна не се единствените ендемски видови во Македонија. Во оваа класификација влегоа и многу политички појави, а, за жал, веќе одамна ендемски, апсолутно единствен и карактеристичен само за нашата почва е и третманот на тероризмот од одредени политичари и дел од „творците“ на јавното мислење, кои премногу често, за да биде случајно, се поистоветуваат со ставовите.
Терористичкиот напад во францускиот „Шарли ебдо“ ја отвори Пандорината кутија на македонското извртување на вистината на дел од „мислителите“, кои повторно, во ролјата на недоветни, ја извртеа и прикаската и поентата. Се почна кога дел од политичарите и од новинарите, со сета почит кон жртвите, солидарност со болката на Французите и сето тоа проткаено со силна осуда на нечовечкиот акт се обидоа да ѝ прикажат на македонската јавност како една нација и држава треба да реагира во случај на таков удар врз животот на сопствените граѓани, основите на демократијата и современото општество.

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски, на својот профил на „Фејсбук“ од Јапонија напиша:
„Од Смилковци до Париз:
За некои поединци во Македонија поважна беше брзината на осудата на терористичкиот напад во Париз наместо доследноста на принципот дека тероризмот и дома и во странство е исто злосторство против кое треба да се здружиме сите. За тероризмот што ја потресе Франција некому му беа доволни 3-минутни докази преку „breaking news“ за уверување, а за тероризмот кај Смилковци што ја потресе и можеше да ја запали Македонија, некому не му беа доволни ни 3 години и сета изнесена евиденција за злочинот му е спорна. Со таквиот однос им се даде поттик на протестите што следеа за случајот „Монструм“. Како и да е, и за Париз и за Смилковци, никој нека не заборава дека секој што неосновано убива човек, го убива човештвото, а секој што убива во име на верата, ја убива прво својата вера и тешко ги ранува другите!“
Во Франција, како и во САД во 2001 година, осудата беше едногласна и јасна. Во државите погодени од чинот на екстремистите никому не му падна на памет да дискутира и да дебатира за потребата од справување со тие што ги осмислија и извршија акциите што однесоа животи и нанесоа силен удар врз слободата на изразување и врз правото на живот. Теориите на заговор и таму беа неизбежни, но дојдоа од страна, и тоа од „вечните“ творци на такви стории и од автори од држави кои историски и стратегиски се спротивставени со државата-жртва.

И Макијавели би се засрамил: Се претера со новинарството
Така дејствува светот, но не и Македонија. Нејсе што овде албанските медиуми не се солидаризираа со „Шарли ебдо“, ниту, пак, нивните политичари, иако, тоа го сторија нивните „браќа“ од Албанија и од Косово, најпогодени од поуката за порака за потреба од единство во тешки ситуации се најдоа Македонци.
Кај нас, антидржавните чекори во „Монструм“ произлегоа од истите самонаречени „слободоумни“, „антирежимски“ заштитници на „демократијата“. Случајно или не, а поверојатно е второто, истите тие што го потпалуваа огнот пред протестите за „Монструм“, ги ставаа под знак прашалник доказите на судот, јавно ја жигосуваа јавната обвинителка и што ли не. Најгрдото од сè беше што 99 проценти од авторите, кои во ист толкав процент и не се потпишуваа на текстовите, немаа стапнато во суд, ниту реално знаеја детали од убиствата и од доказите за егзекуцијата на петтемина кај Смилковско Езеро, а со судот ги поврзуваа само десетици тужби за клевета. И албанските медиуми го правеа истото, но ним никој не им замери затоа што сторителите биле Албанци? За мир во куќа, „оправдувањето“ беше во етничката припадност?! Вистински заболи многу порадикалното дејствување на дел од македонските медиуми. И кога сите се прашуваа – чуму тоа „сипување“ песок во националната и државна осовина, пристигна поразителниот одговор – поради поени за нивните политички пулени. Целта излезе оцрнувањето на судството и, воопшто, институциите на системот, прикаска која ја надополни сказната за „режимот, диктатурата, тиранијата…“ Па, макар, и за терористички акт во кој беа егзекутирани деца. Дури и Макијавели, во случајов со наведната глава, би ги употребил зборовите на еден македонски поранешен медиумски тајкун: „Се претера со новинарството…“

Пироманија, политикантство и лицемерство
И додека во светот, власта и опозицијата демонстрираат единство при горливи времиња за државата и за нацијата, во Македонија тие се користат за политикантство и за раздор. Лидерот на опозицијата, веројатно збунет што е во албански медиум и поведен од желбата за „уривање“ на институциите, долеа масло на огинот и искоментира:
„Ако е дадена максимална казна на досегашните завршени пресуди на оние луѓе што протестираат, катастрофа. Тоа не треба посебно да биде едуциран судија, правник, тој судија најверојатно бил под притисок. Зошто максимални казни, што е целта, што сакате да кажете со таа работа. Зар треба нешто посебно памет да се има за оваа работа, не е добро, лошо е“, изјави Зоран Заев во „Патот кон“ на телевизија „Алсат“.
По маскарот во „Шарли ебдо“, дел од колегите го поставија прашањето за лицемерство во третманот на истиот проблем кај различни нации и држави. Во својата колумна, Дарко Јаневски запраша: „Што би се случило ако двајцата прогонети во Париз пребегнат во Косово и таму бидат осудени за кражба на чоколада во некоја продавница? Па поради тоа Косово да не ги испорачува на Франција, како што е случај со двајцата првообвинети за масакрот на Смилковско Езеро. Знаете ли што ќе се случи со Косово ако такво нешто си дозволи? Или тогаш Хашим Тачи, Рамуш Харадинај, косовската претседателка, заедно со сите муватори од ЕУЛЕКС, лично ќе ги натоварат на авион и ќе ги однесат во француската престолнина. Попат ќе им маваат клоци и заушки за да докажат колку се тие приврзаници кон слободата која со масакрот во Париз е загрозена…“
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 124. број на неделникот „Република“, 16.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


