| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши втората фаза од реставрацијата на римскиот театар во Стоби

Заврши втората фаза од проектот за конзервација, реставрација и реконструкција на источната половина од гледалиштето на римскиот театар на локалитетот Стоби, кај Градско.

Реконструкцијата на сводовите е изведена со употреба на автентични материјали, како што е локалниот песочник откриен при истражувањата, и нов малтер врз база на вар. Во изминатиот период беа реконструирани вкупно 12 од 18 оригинални редови на театарот, а целосното завршување на проектот се очекува во текот на 2015 година.

– Паралелно со конзервацијата се одвиваа и археолошки ископувања со што беа добиени значајни податоци за изградбата на објектот, за неговото функционирање во текот на 1 и на 3 век, како и за подоцнежното користење на просторот откако театарот не бил во употреба. Театарот престанал да функционира кон крајот на 4 век, по што почнало користењето на неговите ѕидови и коридори во рамките на новите доцноантички градби кои биле подигнати на овој простор – се вели во соопштението од Министерството за култура.

Театарот во Стоби почнал да се гради кон крајот на 1 век од н.е., но бил целосно завршен во првата половина на 2 век од н.е. Поради дијаметарот од речиси 90 метри, капацитетот за 7.600 гледачи и високиот степен на зачуваност, објектот се вбројува во редот на најзначајните и, секако, најграндиозни споменици на римската архитектура на територијата на некогашната провинција Македонија.

Проектот за конзервација на театарот беше финансиран преку Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата на Министерството за култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top