Првите акварелни остварувања кај нас всушност датираат истовремено со почетоците на македонската современа ликовна уметност токму преку појавувањето на неколкумината автори од основоположничката генерација (Д.Аврамовски Пандилов, В.Коџоман, Т.Владимирски, В.Поповиќ-Цицо, Н.Мартиновски, Л.Личеноски). Но, иако со забележителни резултати, нивните творечки интересирања во оваа област се повремени и во рамки на креативно љубопитство без посебна и студиозна посветеност. Покрај високите дострели кои ги има дадено Љубомир Белогаски (1911, Делчево – 1994, Скопје), акварелот е прилично ретка појава. Причините веројатно лежат во општораспростанетото мислење за неговата инфериорната вредносна рангираност најнапред во рамките на пошироката јавност, но не треба да се занемари и избегнувањето на творечките ангажирање кај самите уметници поради реалните тешкотии да се создава според класичните законитости кои бараат исклучителен сензибилитет, добра концентрација, сигурност во освојувањето на просторот, врвна умешност и мајсторство. Акварелот, чие име како техника и кај нас е одомаќено според латинското потекло aqua и неговата италијанска формулација aquarello, е техника која се базира на употреба на водени бои врз хартија и всушност тој не трпи поправки. Боите не се мешаат како во другите сликарски техники што, исто така, го усложнува процесот на создавање на творбата. Освен што треба да се прифати потчинетост на генералните правила (како што е отфрлањето од употреба на белата боја, инсистирањето на прозрачноста, добивањето на резултатите во еден дах и ако е можно без повторување на потезите на четката, избегнување на било какви интервенции и сл), акварелистите во денешно време свесно мораат да се откажат да се „во тренд“ поради сосема поинаквите текови во уметноста и да бидат во еден вид самоизолација. За среќа, независно од актуелните состојби, вистинските вредности си постојат и опстојуваат, а стручната објективна јавност кон нив има не само професионален респект туку и искрени човечки симпатии.
Оттука, се наметна идејата за организирање изложба на Балканскиот современ акварел како можност нашата културна јавност да ја согледа ситуацијата на овој план во регионот, да се сврти вниманието кон акварелот и неговите протагонисти и колку што е можно да се влијае во појавување на нови творечки имиња. Овој проект ќе ја покаже и подготвеноста за навраќање кон извориштата на сликарското изразување, а преку најизразитите претставници од балканските земји ќе допре до најсуптилните естетски дострели покажувајќи дека, иако запоставен, акварелот овозможува врвни уметнички резултати со широк дијапазон на стилски припадности. Покрај желбата да се направи увид во состојбите на овој план во актуелниот миг во балканските земји, намерата е преку изложбата да се даде придонес во менувањето на маргинаната поставеност на оваа ликовна дисциплина и да му се врати достоинствената позиција на акварелот која ја заслужува. Кога во догледно време и во некоја друга прилика ќе се приклучат и оние автори од балканските земји кои не се одзваа на повикот ќе се добие покомплетна слика за состојбите во балканските земји, а самата изложба ќе има уште повисоко ниво и значење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.