| четврток, 6 декември 2018 |

Европарламентот повикува на почеток на преговорите со Македонија

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за утре ја одложи дебатата и претставувањето на предлог-Резолуцијата на известувачот Иво Вајгл за Република Македонија, јави дописникот на МИА од Брисел.
Од седумте земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската унија, денеска се дискутираше за сите, освен за Македонија и за Црна Гора. Сепак, МИА ја поседува предлог-Резолуцијата на европратеникот Вајгл и во неа Европарламентот повторно го повикува Европскиот совет да определи датум за почеток на пристапните преговори со Македонија без понатамошно одлагање со цел да се зголемат реформите во земјата поврзани со европското законодавство.
– ЕП го повторува својот став дека прашањето за името не треба да претставува препрека за отворање на преговорите, иако тоа треба да биде решено пред крајот на пристапниот процес. Го поддржуваме размислувањето на Комисијата дека неуспехот на страните да најдат компромис по две децении на посредувани разговори има директно и негативно влијание врз европските аспирации на земјата, пишува европратеникот Вајгл.
Според новиот известувач за Македонија, ЕП потсетува на обврската на земјите-членки да се вратат на ова прашање годинава во поглед на отворање на преговорите за членство со нашата земја и смета дека почетокот на преговорите со ЕУ само може позитивно да влијае кон решавање на билатерални прашања и генерира понатамошни реформи за поправање на состојбата. Притоа, Вајгл додава дека Европарламентот нагласува дека продолжување на одложувањето на отворање на преговорите повлекува зголемени и непредвидливи трошоци за земјата, но и за регионалната стабилност и посочува дека понатамошно продолжување на статус-кво состојбата го минира кредибилитетот на политиката за проширување на Европската унија.
– ЕП повторува дека билатералните прашања не треба да се користат за да се загрози пристапниот процес кон Унијата и ја поканува Грција да ја реафирмира својата посветеност ветена со Солунската агенда од 2003 година и да создаде позитивна околина за решавање на билатералните разлики во духот на европските вредности и приниципи. Се поздравува неодманешниот напредок во билатералните односи со Бугарија во насока на преговорите за договор за добрососедски односи, се наведува во предлог-Резолуцијата за Македонија.
Во овој поглед, како нов предлог, ЕП повикува на поактивна посветеност на Европската унија и ја повикува новата Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика (Федерика Могерини, н.з.), со цел таа да развие нови иницијативи да се надмине сегашниот ќор-сокак и да работи кон заеднички прифатливо решение. Исто така, во Резолуцијата се поздравуваат седумте драфт-амандмани на Уставот, посебно одбредбите за Судскиот совет, канцеларијата на државниот ревизор и централната банка, но жали што не е консултирана опозицијата за нивната содржина.
Вајгл во Резолуцијата ја повикува македонската Влада да ја почитува улогата на Парламентот со обезбедување на доволен опсег и време за консултации во интерес на овозможување целосна и независна парламентарна контрола. Исто така, се повикуваат и Владата и политичките партии да работат кон подобрување на односите за да обезбедат политичка стабилност и да ја забрзаат европската агенда.
– ЕП жали за одбивањето на опозицијата да се вклучи во редовните парламентарни активности и истакнува дека постизборниот бојкот е проблем што треба да се реши во духот на поделена одговорност кон коректно функционирање на Парламентот, пишува известувачот Вајгл.
Во предлог-Резолуцијата се истакнува и загриженоста дека меѓуетничката коегзистенција останува кршлива и е предизвик за земјата. Затоа, ЕП истакнува дека почетокот на преговорите со ЕУ ќе и помогнат на земјата за подобро да се справи со овој предизвик и ќе ја зајакната меѓуетничката кохезија. Притоа, се осудуваат сите форми на национализам и се повикува на проактивна промоција на инклузивно и толерантно мултиетничко и мулти-религиозно општество.
– ЕП ги поздравува изборните реформи, но е загрижен дека последните избори се одржаа со пристрасно медиумско покривање и со недостаток на издвојување на државните и партиските активности. Ги повикуваме властите да ги истражат наводните нерегуларности пред и за време на изборите и ја повикуваме Владата да се посвети на препораките на ОБСЕ/ОДИХР со цел да се подобри изборниот процес, вклучително и менаџирање и точност на листите со гласачи, гласи овој дел од предлог-Резолуцијата за Македонија.
Во однос на евроинтеграциите, Европарламентот ја повикува Владата да се посвети на недостатоците во имплементацијата на ИПА-програмата, како што се системските проблеми на контролните системи, недоволната внатрешна и меѓу-институциска координација, заостанатите набавки, слабата апсорпција и капацитет на институциите. Се повикува да се подобри линкот меѓу помошта од ЕУ и стратегијата за национални реформи да се избегнат понатамошно губење на помошта, како и да се забрза програмата на имплементација со цел да се зголеми влијанието на ЕУ-помошта.
ЕП е загрижен и што јавната администрација, и покрај легислативниот прогрес, останува фрагментирана и субјект на политичко влијание. Силно се охрабрува зголемување на нејзината професионалност и независност на сите нивоа и почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична претставеност, па затоа се повикува Владата да усвои програма за реформи на финансискиот менаџмент.
– ЕП повикува на комплетирање на прегледот на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор  и да резултира со политички препораки. Охридскиот договор е есенцијален елемент на владеењето на правото, за односите меѓу заедниците и продолжување на децентрализацијата. Силно се охрабрува развој на локално владеење и промоција на долготрајни мерки за градење на доверба на политичко ниво, како што е одржување јавни дебати за да се објасни користа од Охридскиот договор. Се повикува Владата да продолжи со имплементација на Стратегијата за интегрирано образование и смета дека е важно вклучување на граѓанските организации во овој процес, се наведува во овој дел од предлог-Резолуцијата.
Известувачот од ЕП за Македонија, Иво Вајлг во Резолуцијата го поздравува високото ниво на законска усогласеност и подобрената ефикасност на судовите во Македонија, како резултат на сеопфатните судски реформи и воспоставувањето на Академија за судии и обвинители. Во тој поглед во предлог-Резолуцијата бара ЕП да го поздрави покренувањето на технички дијалог за поглавјата 23 и 24 во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД). Сепак, според Вајгл, постои загриженост за непотребното политичко влијание на некои судски постапки и истакнува дека судството мора да остане независно од сите надворешни притисоци на парламентарната и извршната власт.
Се истакнува и потребата од имплементација на судски стандарди во линија со европските норми и најдобрата практика. Се повикува на подобрување на квалитетот на правдата, подобро стратешко планирање, подобар пристап до правдата на ранливите членови на општеството и поголемо учество на професионалните и граѓанските организации во однос на мониторирањето на судската независност.
ЕП го нотира позитивниот развој во имплементацијата на анти-корупциската програма (2011-2015), засилувањето на личниот и институционалниот систем за интегрираност како и на меѓуинституциската и интернационална соработка. Сепак, се наведува дека се уште има некои отворени прашања како имплементација на закон за перење на пари, осуда на националната оценка за ризик и подобрување на оперативната ефикасност.
– Се повикува на поефикасна имплементација на антикорупциските политики и закони во политиката, јавната администрација, јавното обвинителство и засилување на државните капацитети и обезбедување на посилни обвиненија за корупција на високо ниво, како и независност на граѓанските здруженија и на медиумите во разоткривањето на корупција, независност и непартиски истраги и судења. Се поздравува измената на Кривичниот законик во однос на борбата против Исламскиот екстремизам и радикализација, до идно дефинирање, борба и казни за лицата што се борат во парамилитантните групи надвор од земјата, со што се поздравува тесната соработка меѓу змејите од Западниот Балкан за оваа материја од растечка загриженост, се наведува во предлог-Резолуцијата за Македонија.
Во предлогот на известувачот Вајгл постои загриженост за работата на граѓанските организации и се повикуваат властите поактивно да се вклучат во дијалог со невладините организации и да помогнат да се развие цивилното општество во руралните области. Има загриженост дека политичките и финансиски притисоци константно ја поткопуваат медиумската независност.
– Се нотира влошувањето во слободата на изразувањето што резултира со најнизок ранкинг за слобода на медиумите во регионот. Со загриженост се гледа на државна контрола медиумите, вклучително и зависноста од државниот буџет, цензурата, коруптивните линкови меѓу политиката и медиумските сопственици, како и слабите професионални стандарди и етика. Додека се превземени некои чекори за обновување на дијалогот меѓу Владата и медиумската заедница и жали што законот за аудиовизуелни услуги е донесен во брза процедура без понатамошни консултации со медиумските организации, се наведува во овој дел од прелдог-Резолуцијата за нашата земја.
Во тој поглед, ЕП ургира до Владата да продолжи со политики за поттикнување на медиумски плурализам и различност на мислења, како и да гарантира независност на Јавниот дифузер и на медиумскиот регулатор. Се повикува Владата да обезбеди јасни и точни податоци за рекламните кампањи фиансирани од државата и да ја зголеми транспарентноста на креитериумите што се употребуваат при алокацијата на фондовите. Силно се препорачува до Комисијата да биде поактивна во мониторирањето и советувањето на политичкиот развој и да охрабри дијалог меѓу засегнатите страни во медиумите.
Европарламентот, исто така, повикува антидискриминаторското право да биде во согласност со европското законодавство и да содржи забрана за дискриминација на основа на сексуална ориентација. Сторителите на насилство против ЛГБТИ-заедницата треба да се изведат пред лицето на правдата, а се повикуваат властите да обезбедат полова перспектива во сите политички области. Во тој поглед се повторува загриженоста за продолженото постоење на родови стереотипи во општеството и домашното насилство. Се храбри Владата да се посвети на структурната родова дупка во економските, политички и социјални области.
– Се поздравува тоа што Македонија продолжува да биде лидер во регионот за лесно спроведување на бизнис и се поздравува подобрениот ранкинг во оваа насока на листата на Светска банка, од 31-во место во 2013 година на 30-та позиција минатата година. Како и да е, договорните засилувања и постојаните законски измени без адекватна консултација се сериозен предизвик за бизнис-климата. Има потреба од понатамошно подобрување на бизнис-околината со поддршка на малите и средни претпријатија. Се поздравува намалувањето на невработеноста од 29,9 проценти во првата четвртина на 2013 година на 28,2 отсто во третата четвртина на 2014 година. Се повикува Владата да ги обнови напорите за понатамошно намалување на структуралната и долготрајна невработеност, посебно меѓу младите која е над 50 проценти и на ранливите лица, вклучително на Ромите, се наведува во предлог-Резолуцијата за Македонија.
Известувачот Вајгл предлага дека е стабилен приливот на Директни странски инвестиции, но дека ЕП верува дека одложувањето во пристапниот процес кон Европската унија може да претставува пречка кон идното зголемување на инвестициите. Европарламентот препознава дека креирањето на меѓународни финансиски зони е еден од можните начини за привлекување на странски инвестиции, креирање работни места и зголемување на јавните приходи. Сепак, постои загриженост дека можните екстра-територијални закони ќе креираат ризик на демократската отчетност. Се препорачува субординираност на некакво регулаторно тело со зоните до Парламентот, кој треба да остане ултимативна законска сила во демократијата.
На крјаот се поздравува податокот дека земјата останува активна и конструктивна во регионалната соработка и дека нема нерешени гранични прашања со соседите. Во тој поглед се поздравува претстојното претседателство на земјата со Централно-европската иницијатива.
Се повикува претседателот на ЕП, Мартин Шулц, откако оваа Резолуција ќе биде изгласана на пленарна седница на ЕП идниот месец во Стразбур, да ја проследи во Европскиот совет, Европската комисија и до владите и парламентите на сите земји-членки и до Владата и парламентот на земјата

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top