Најголемиот дел од наставниците во Македонија утре ќе бидат на своето работно место, со учениците ќе ја започнат наставата во второто полугодие.
Во најголемиот дел од општините ширум Македонија, штрајк утре нема да има. Низ деновите на минатата недела најголемиот дел на наставници- членови на СОНК, му испратија порака на претседателот Јаким Неделков дека нема да бидат дел од неговата лична битка за уште еден мандат. Тие зад најавите на штрајкот гледаат нечесни намери и нереални барања.
Речиси сите градоначалници испратија апел до родителите утре да ги пуштат своите деца на настава затоа што ќе има редовни часови и во училиштата и во градинките.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, по одржаниот координативен состанок со градоначалниците на скопските општини, викендов информираше дека училиштата и градинките во Град Скопје нема да го поддржат најавениот штрајк од СОНК и се подготвени за почетокот на второто полугодие.
-Сакаме да ги информираме учениците и родителите во вторник да дојдат на училиште затоа што наставата ќе се одвива нормално и родителите да ги донесат своите деца во градинките бидјеќи истите ќе бидат отворени, посочи Трајановски.
Тој посочи дека изминатава недела биле контактирани сите образовни институции во Скопје кои се опфатени со најавениот штрајк и досега не е пријавено од ниту една институција дека ќе се одржи штрајк.
Настава наместо Штрајк
По многубројните општини кои кон крајот на минатата недела јасно се изјаснија дека штрајк нема да има и во текот на викендов се повеќе наставници-членови на СОНК, му го свртеа грбот на Јаким. Нема да има штрајк ни во останатите општини низ цела Македонија: Прилеп, Битола, Штип, Свети Николе, Кочани, Крушево, Македонски Брод, Дебрца, Босилово, Демир Хисар, Охрид, Велес, Крива Паланка, Ресен, Неготино, Пробиштил, Берово, Демир Капија, Новаци….
По многубројните општини кои кон крајот на минатата недела јасно се изјаснија дека штрајк нема да има, и во текот на викендов се повеќе наставници-членови на СОНК, му го свртеа грбот на Јаким.
Според Сашо Кочоски, претседател на основната организација на СОНК од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, прилепските просветни работници се оградуваат од одлуката на претседателот и на раководството на СОНК за генерален штрајк на почетокот од второто полугодие.
– Никако не можеме да се согласиме со идејата дека одлуката е донесена со поддршка од најголемиот дел од членството, а со единствена цел за унапредување на нашите работнички права. Цврсто сме убедени дека мнозинството членови не го делат кој претседателот на СОНК го пропагира и го презентира во јавноста. Станува збор за самоволие и лична битка на претседателот на сонк за да ја задржи сегашната позиција, изјави Кочоски во име на прилепските просветни работници.
Според Кочоски, како просветни работници нема да дозволат да трпи воспитно-образовниот процес за учениците.
– Затоа, ја информираме јавноста дека прилепските училишта на 20 јануари ќе ја продолжат учебната година, рече Кочоски.
Од Општина Гостивар викендов информираа дека најавениот штрајк на СОНК нема да се одржи и оти наставата во општинските училишта во второто полугодие ќе продолжи според предвиденото.
– По остварените средби и разговори со директорите и раководителите на образовните институции и градинки, донесено е решение да не се поддржи највениот штрајк и да нема прекин во едукативниот процес. Тоа е со цел да не им се наштети на учениците, бидејќи образовниот процес е приоритет на општина Гостивар. Образовниот процес ќе започне според предвидениот распоред на 20 јануари, се вели во соопштението од општината.
Претставници на наставниот кадар од сите основни и средни училишта во Прилеп, членови на СОНК и претседатели на основните организации на СОНК во прилепските училишта соопштија дека се против одржување на најавениот штрајк на СОНК.
Викендов истата информација пристигна и од Дебар. Во Дебар на 20-ти јануари професорите и наставниците нема да штрајкуваат. Или Мирзо, шеф на кабинетот на дебарскиот градоначалник, изјави дека ставот на дебарските проветари е дека не го прифаќаат закажаниот штрајк на СОНК.
– Претставници од општината имаа средба со директорите на училиштата кои делуваат во рамките на општината при што е одлучено второто полугодие од учебната 2014/2015 година да почне на 20 јануари, односно во вторник. Заеднички став е дека ги подржуваат сите промени кои имаат за цел подигање на квалитетот на наставата и најостро ги осудуваат сите чекори со кои учениците треба да трпат штетни последици, изјави Мирзо.
Тоа значи, додава Мирзо, дека во вторник во трите деветолетки и гимназијата, наставата ќе си почне нормално, што подразбира дека нема да се штрајкува.
Ваква одлука наставниците-членови на СОНК и директорите на училиштата и градинките донесоа за доброто на нивните ученици. Тие велат дека целата оваа идеја на Јаким Неделков, ќе се сруши на детски грбови, односно дека децата ќе изгубат настава која треба да ја одработат на време. Онаа мала група на наставници која сепак се понесе од идејата за штрајк, најверојатно ќе биде заменета со заменски наставници согласно закон. Листите со заменски наставници се изготвени и тие се исконтактирани и подготвени за наставниот процес. Сето ова е потребно, на децата да им се пружи заштита.
На виделина расколот во СОНК
Во јавноста излезе на виделина големиот раскол во СОНК. Членови на Синдикатот од повеќе градови ширум Македонија, јавно изразија несогласување со одлуките на Јаким Неделков. За нив, одлуката за штрајк е единствено во функција на промоција на самиот претседател во пресрет на изборите закажани за октомври.
-Нема да дозволиме да бидеме неми и јавно го изразуваме несогласувањето со најавите за штрајк. Штрајкот не е вистинска битка за поголеми права на сите претставници на СОНК, туку лична битка на актуелниот претседател, кој единствено цели кон свој реизбор. Јаким знае дека ја изгуби поддршката меѓу наставниците и сега работи само за лични интереси, истакна наставничката Лидија Балџиева од основното училиште „Димитар Македонски“, која 33 години е член на СОНК.
Големата група на членови на СОНК истакна дека барањата на нивниот претседател се нереални и со нив само сака да добие масовност и поддршка која ја има изгубено.
-Ако штрајкот се одржи најголемиот дел од наставниците нема да учествуваат затоа што ние уште од минатиот штрајк ја загубивме довербата во претседателот од кој не добивме никаква заштита, а оние кои навистина трпеа штета се децата ученици, нивните родители и целиот образовен процес. Досега од него добивме само непотребни конфликти со родителите, наставата трпеше, додаде Балџиева.
Дефектологот Лидија Крстевска-Дојчиновска потврди дека најголема штета ќе претрпат децата, бидејќи тоа би значело работни часови за време на викендите.
Неделков е прв човек на СОНК од 2010 година и по мандат од 5 години следниот избор за претседател треба да се одржи во октомври годинава.
Членовите на СОНК од Пробиштип, по одржаната средба со директорите на училиштата и градоначалникот Тони Тоневски, на прес-конференција соопштија дека нема да го поддржат најавениот штрајк на раководството на СОНК.
– И ние се приклучуваме кон колегите од останатите градови во Македонија кои во изминатите денови побараа повлекување на одлуката за бојкот на наставата во училиштата. Не го поддржуваме штрајкот на СОНК и сме против ваков начин на решавање на проблемите, истакна на прес-конференцијата Драгица Терзиќ, член на СОНК од Пробиштип.
Пробиштипскиот огранок на СОНК има 120 членови од двете основни училишта „Никола Карев“ и „Браќа Миладиновци“ и од средното општинско училиште „Наум Наумовски Борче“.
И членовите на СОНК од Демир Капија не го поддржуваат најавениот штрајк за вторник од страна на раководството на СОНК.
– Чиста манипулација е одлуката за штрајк на претседателот на СОНК Јаким Неделков и луѓето околу него дека наводно се работи за борба за унапредување на нашите работнички права, изјави Александра Јованова, наставничка, во името на наставниците членови на СОНК.
Актуелното раководство во изминатите речиси четири и пол години, додаде таа, не направи ништо во таа насока, така што повеќе од јасно е дека идејата на оваа одлука е да се изврши лична промоција заради задржување на актуелната позиција и бенефициите кои таа ги нуди.
– Затоа просветните работници од општина Демир Капија се оградуваат од одлуката за блокирање на работата на училиштата и информираме дека во вторник, на 20 јануари, ќе бидеме на своите работни места и наставата ќе се реализира нормално како и досега. Навистина е жално, нечовечки и неетички што дел од нашите колеги, членови на СОНК, ја поддржуваат таквата идеја за бојкот и со тоа безмилосно посегнуваат по правото на децата за образование и едукација, и покрај тоа што многумина од нив се родители и знаат што значи пропуст во едукацијата на своето дете, рече Јованова.
Таа апелираше до раководството и до членовите кои го поддржуваат штрајкот сите натамошни активности за унапредување на правата да ги реализираат преку социјален дијалог со институциите на системот и преку сите останати неискористени механизми, кои, како што рече, неколкупати беа прескокнати, а беше носена одлука за штрајк.
Членови на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) од Валандово и Дојран велат дека се против одлуката на раководството за штрајк во училиштата од вторник.
– Сите услови за одвивање на наставата се исполнети. Нема причина за штрајк, изјави Кирил Кречев од ОУ „Коста Рацин“ од Нов Дојран.
Според него, наставниците не го поддржуваат најавениот штрајк и во вторник редовно ќе почнат со настава.
Ваков СОНК во раскол тешко може да изведе штрајк, па се чини дека штрајкот пропадна уште пред да започне.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


