Македонската репрезентација е рекордер според бројот на братски тандеми на Светското првенство во Катар. Дури три „пара“ родени браќа играат во „жолто-црвена“ комбинација на мундијалот што е во тек, а дали тоа ќе биде талична комбинација за Македонија ќе се знае во следните период од петнаесетина дена. Засега ни оди добро и имаме две победи во првите две кола.
Мошне интересна на тој план е нашата Б група каде има најмногу братски тандеми и еден случај за „Рипли“. Игор и Иван Карачиќ се родени браќа, а ќе играат за две различни селекции. Вардаровиот адут Игор е во составот на Хрватска, а Иван ги брани боите на Босна и Херцеговина. Кај нас во центарот на вниманието се Кирил и Филип Лазаров, браќата Мојсовски, Наумче и Златко и Велко и Никола Марковски. Вкупно на шампионатот во Катар има 11 братски тандеми и еден трилинг, аргентинскиот од семејството Симонет.
Братската група Б со Македонија како ороводец
Групата Б ја нарекоа братска и балканска уште при извлекувањето за мундијалот во Катар, бидејќи ја сочинуваат поранешните братски Републики од СФРЈ, Македонија, Хрватска и БиХ. И според тој критериум и според тоа што има најмногу братски тандеми во трите репрезентации ги задоволува сите критериуми за епитетот што и е доделен на Б групата.
Најмаракантното име во ова друштво секако е Кирил Лазаров, бомбардерот на Барселона и на македонската селекција. Десниот бек има една дузина индивидуални признанија за најдобар стрелец на големите натпреварувања, игра за моќната Барселона, а недостасува само медал од значајно натпреварување како круна на кариерата.
„Имаме добра основа за успех во Катар, како никогаш досега сме здружени, со екстра-професионалци во составот, што е гаранција дека достојно ќе го презентираме квалитетот на македонскиот ракомет на мундијалот“, изјави во интервју за „Република“ Кирил Лазаров, непосредно пред заминувањето за Катар.
Неговиот брат Филип игра на спротивната страна од теренот, како лев бек, а има едно учество помалку од брат му Кирил, кој настапи на четири Светски првенства во дресот на Македонија.
Голем адут ни е и Наумче Мојсовски, извонредниот бек на Металург. Од него се очекуваат голови и во продолжението од шампионатот во Катар, а интересно е што тој игра на иста позиција со Филип Лазаров, а може да одговори и на централен бек. И има ист број на учества на ракометните мундијали како и Филип, три, едно повеќе од Златко Мојсовски, кој му е брат. Златко е задолжен за голови од десно крило.
Последниот тандем браќа во нашата селекција ја сочинуваат Велко и Никола Марковски. Велко е долгогодишен стандарден репрезентативец и е специјалист за игра во одбраната. Брат му Никола е резервна опција за нашата селекција на позицијата пикер, по стандардниот Стојанче Стоилов.
Најинтересниот случај во Б групата се браќата Карачиќ. Родум се од Мостар, БиХ, а животниот пат ги одведе во различни репрезентации. Игор кој настапува за македонскиот тим Вардар одговори на повикот на хрватскиот ракометен сојуз и им се приклучи на „огнените“, а Иван како член на Мешков Брест одлучи да настапува за БиХ. Вакви случаи има и во другите спортови (браќата Боатенг), но се реткост и се мошне интересни.
Како шлаг на тортата во нашата група се и браќата близнаци Буриќ. Тие се адути на БиХ и очекувано не се двојат и на клупската сцена, а играат за Горење од Словенија.
Трилинг „гаучоси“ од семејството Симонет
Посебна приказна на шампионатот во Катар е таа на семејството Симонет од Аргентина. Од земјата на фудбалот, пристигна топлата сторија за спортската дружина Симонет. Трилингот Себастијан, Диего и Пабло играат на мундијалот за популарните „гаучоси“, а и родителите Луис и Алиса се поранешни репрезентативци. Себастијан и Диего играат за ист тим, Иври од Франција, а најмладиот Пабло е член на шпанскиот прволигаш Сиудад Енкантада.
Најтрофејни во конкуренција на сите 11 братски тандеми и трилингот од Аргентина се француските репрезентативци Никола и Лука Карабатиќ. Заедно имаат 11 медали од сите бои на Европските и Светските првенства и од Олимпијадите. Тука главниот товар е на плеќите на многу попознатиот Никола кој сам има 10 медали, а бил по двапати олимписки и светски првак и дури трипати европски шампион со Франција.
Зад францускиот тандем е данскиот од семејството Хансен, Рене и Хенрик-Тофт со 6 медали, а огромно реноме имаат и белоруските браќа Рутенка, Сергеј и Зијанис.
На мундијалот во Катар играат и Миха и Лука Живеј за Словенија, потоа Михаил и Бартош Јурецки за Полска и Александар и Максимилијан Херман за Австрија.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст






