| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Никој не ја сака ноќта“ со Жилиет Бинош ќе го отвори Берлинскиот филмски фестивал

Светската премиера на филмот „Никој не ја сака ноќта“ (Nobody Wants the Night) на шпанската режисерка Изабел Којшет во кој настапува Жилиет Бинош, ќе го отвори на 5-ти февруари 65-го издание на Берлинскиот филмски фестивал, еден од најпрестижните филмски фестивали на кој ќе бидат прикажани околу 400 проекции, а целосната програма на 27-ми јануари ќе ја објави претседателот на годинешното жири, американскиот режисер Дарен Аронофски.

Филмот „Никој не ја сака ноќта“ е историска драма за храбрите жени и амбициозните мажи чиешто дејствие се одвива на Гренланд на почетокот од XX век. Во филмот кој ќе биде еден од 23-те кои ќе се натпреваруваат за главната награда Златна мечка, покрај уилиет Бинош, играат и Ринко Кукучи и Габриел Бирн.

„Одушевен сум што овогодишното Берлинале ќе го отвори „Никој не ја сака ноќта“. Којшет направи импресивен портрет на две жени кои се соочуваат со екстремни услови“, се вели во изјавата на директорот на Берлинскиот филмски фестивал, Дитер Кослик, објавена на интернет страницата на манифестацијата.

Станува збор за седми филм на режисерката Којшет кој ќе се прикажува на Берлинскиот филмски фестивал, на кој пред шест години беше во жирито, и трето нејзино остварување кое е ставено во официјалната конкуренција за Златните и Сребрените мечки, по филмовите „Опсесија“ и „Мојот живот без мене“.

И Бинош е редовна на Берлиналето со филмовите „Чоколада“ и „Љубовниците од Понт-Неф“, додека во 1997 година ја освои Сребрената мечка за улогата во „Англискиот пациент“.

Светска премиера во Берлин ќе има и новиот филм „Такси“ на иранскиот режисер Џафар Панахи, кој е добитник на повеќе престижни меѓународни признанија, вклучително и на Златниот лав од Венеција за филмот „Круг“ од 2000 година и Сребрена мечка на Берлиналето за „Офсајд“ од 2006 година. Панахи во 2010 година беше осуден во татковината за антивладини активности, откако започна да снима филм за немирите кои го зафатија Иран по реизборот на поранешниот претседател Махмуд Ахмадинеџад. Панахи беше ставен тогаш во домашен притвор, и му беше забрането да снима филмови, да пишува сценарија и да ја напушта земјата во следните 20 години, но сепак тој продолжи да снима.

Во конкуренција за наградите, исто така, ќе биде и филмот на познатиот германски режисер Вернер Херцог „Кралица на пустината“ во кој се обработува темата на односот меѓу славниот Лоренс од Арабија и Гертруда Бел. Главните ролји во ова остварување ги толкуваат Никол Кидман, Роберт Патисон, Џејмс Франко и Демиен Луис.

Францускиот режисер Беноа Жако во Берлин ќе го претстави својот нов филм „Дневникот на една собарка“ со атрактивната Леа Сејду во главната ролја. Во натпреварувачката конкуренција ќе бидат прикажани и полскиот филм „Тело“ на Малгожата Шумовска, филмот на виетнамскиот режисер Фенг Данг Ди „Голем татко, мал татко и други приказни“, „Викторија“ на германскиот режисер и актер Себастијан Шипер и „Изчезна со куршумите“ (Gone with the Bullets) на кинескиот режисер Џијанг Вен.

Претходно беше објавено дека на годинешното Берлинале коешто ќе се одржува од 5-ти до 15-ти февруари и со кој традиционално се отвора филмската сезона, овојпат во 2015 година, во конкуренција ќе бидат и филмовите „45 години” на Ендрју Хејг, „Сонување“ на Андреас Дресен, „Витез со пехар“ (Knight of Cups) на Теренс Малик, „Под електричните облаци“ на Алексеј Герман помладиот и „Ејзенштајн во Гуанахуато“ Питер Гринавеј.

Очекуваната драма „Педесет нијанси на сивата“, во кој настапуваат Џејми Дорнан и Дакота Џонсон, ќе биде прикажан надвор од конкуренција.

Берлинскиот е еден од најстарите филмски фестивали на светот и се гордее со својата традиција да прикажува политички релевантни филмови, меѓутоа последните години неговите организатори се критикувани дека го свртуваат кон Холивуд и гламурот на црвените теписи. Додека изминатите години некои од филмовите избрани за отворање на фестивалот беа комерцијални и уметнички фијаска, со комедијата „Хотел Гранд Будимпешта“ минатата 2014 година тоа не беше случај. Филмот, имено, ја освои големата награда на жирото на Берлиналето и потоа беше номиниран во 11 категории за престижните британски награди БАФТА.

Мината година фестивалот го следеа околу 3.700 новинари од 81 земја, околу 8.400 филмски професионалци учествуваа на Европскиот филмски саем, додека филмските проекции ги проследија околу 490.000 гледачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top