Училиштата се снабдени со нафта и други горива за успешно одвивање на зимската грејна сезона, а во меѓувреме се подмирени и обврските за останатите комунални услуги и превоз на учениците.
Ова е заклучокот од средбата на градоначаникот на Кочани Ратко Димитровски со директорите на училиштата и детската градинка „Павлина Велјанова“.
– На средбата со директорите беше истакнато дека се создадени услови за нормален почеток на наставата од второто полугодие. Најавениот штрајк на СОНК во кочанските основни и средни училишта за вработените наставници и професори е неприфатлив. Во излагањата директорите беа едногласни дека штрајк во образованието не е потребен во овој момент и дека вработените од образованието не го прифаќаат – изјави градоначалникот Димитровски.
Наставата во Кочани се следи во пет основни и седум подрачни училишта, како и во две средни училишта во градот и населените места.
Во вторник нема да има штрајк во трите основни училишта „Гоце Делчев“, „Кирил и Методиј“ и „Даме Груев“, градинката „Рахилка Гонева“ и средното општинско училиште „Кочо Рацин“ во општина Свети Николе, информираше градоначалникот на Свети Николе Зоран Тасев.
– По остварените разговори со директорите на основните и средното училиште и детската градинка, заеднички е утврден ставот дека училиштата од нашата општина се подготвени за второто полугодие и поради заеднички интересен и на децата и на наставниците наставата ќе се одвива редовно – вели Тасев.
Од страна на образовните институции на општина Свети Николе и од ниту една друга институција, додава тој, нема најава за организирање и поддржување на штрајк.
Четири дена пред почетокот на второто полугодие од учебната година, градоначалникот на Општина Демир Хисар, Љупчо Блажевски ги повика на координација директорите на трите општински централни основни и средното училиштe.
На оваа традиционална полугодишна средба беа сумирани и анализирани резултатите постигнати во првото полугодие при што било констатирано дека процесот се одвива редовно и непречено.
-Училиштата редовно и навремено ги сервисираат сите достасани финансиски потреби. На средбата присуствуваше и директорот на детската градинка кој информира дека во овој период од годината традиционално е намален бројот на децата на дневен престој заради училиштниот распуст, но и дека оваа година рапидно е зголемен бројот на згрижените деца – 40тина во почетокот на учебната, а 83 на крајот од првото полугодие. На средбата стана збор и за најавите за штрајк на Синдикатот на работниците од образованието, науката и културата на 20ти јануари. Од разговорот произлезе заеднички и едногласен заклучок дека во моментов не постојат реално проценети причини за било каква манифестација и демонтрација на работничко незадоволство – како од условите за работа, така и од висината на платите во образованието. Исто така, како што се вели во заедничкиот заклучок, демирхисарските просветни работници нема да дозволат и дадат поддршка на неосновани барања што се осуетени, инспирирани и мотивирани од лични и кариеристички побуди – се вели во соопштението од општина Демир Хисар.
Општина Дебрца информира дека наставата во основното образование ќе се одвива во нормални услови во сите единаесет населени места каде што се одржува настава.
-Во врска со најавениот штрајк на СОНК од разговорот со Претседателката на СОНК во нашето Училиште Ве известуваме дека на одржаниот состанок со наставниците не била подржана одлуката од Раководството на СОНК за одржување на штрајк.Исто така на редовниот состанок пред почетокот на второто полугодие од учебната година со Директорот на основното Училиште Дебрца беше заклучено дека нема проблеми околу одржувањето на наставата во однос на греење и превоз на учениците – се вели во соопштението од општината.
Градоначалникот според овие заклучоци ги повика родителите во вторник да ги пуштат своите деца на настава во училиштата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.