| четврток, 6 декември 2018 |

СОНК му го врти грбот на Неделков, нема штрајк во Преспа, Виница, Ресен, Гевгелија, Охрид, Кривогаштани

nedelkovОд Регионалниот одбор на СОНК од Охрид денеска соопштија дека според сознанијата добиени од претседателите на синдикалните организации во регионот во инситуциите што ги покрива СОНК од Охрид не се формира штрајкувачки одбор што значи дека членството во Охрид не дава поддршка на штрајкот закажан од раководството на СОНК за 20 јануари.

– Како и минатиот пат така и сега се потврди ставот на членството во нашиот регион дека не дава поддршка на штрајкот. Нашиот регион се уште стои на ставот на членството дека решение за сите прашања треба и може да се бара по пат на преговори, изјави претседателот на Регионалниот одбор на СОНК од Охрид Аце Речкоски.

Професорите во Ресен нема да штрајкуваат за исполнување тесни интереси на претседателството на СОНК на чело со Јоаким Неделков, рече членот на синдикатот на наставници во Преспа, Владимир Ристески. Според него, во вторник ќе има редовен процес на работа во училиштата.

 – Учениците нема да го губат редовниот процес на работа во вторник. Подготвени ги пречекуваме учениците и почетокот на второто  полугодие, изјави Ристески.

Во четирите основни и средното општинско  училиште во Виница во вторник ќе започне второто полугодие.  Тие потврдија дека не го прифаќаат најавениот штрајк на СОНК и истакнуваат дека нема да го подржат. Училиштата во Виничко се снабдени со нафта за греење, а нема проблеми од комуналната област.

Нема најава за штрајк ниту од наставниците во Дојран, од општинското основно училиште „Кочо Рацин“. Се е подготвено и нема никакви пречки за почеток на второто полугодие од 20 јануари, а наставата ќе се одвива нормално, велат од таму.

Од општина Кривогаштани по координативниот состанок на градоначалникот со директорите на двете училишта и дел од наставниот кадар, било констатирано е дека нема никакви пречки да почне наставата од второто полугодие, односно обезбедени се сите услови за непречена настава како и греење во училниците. Присутните се изјасниле дека се против најавениот штрајк на СОНК.

И во Гевгелија наставниците и професорите од училиштата не го подржуваат најавениот штрајк од раководството на СОНК и во вторник редовно ќе се јават на работните места на почетокот од второто полугодие. Во општината сите основни училишта, гимназијата и детските градинки се снабдени со потребните наставни помагала, со доволни количини нафта за греење и подмирени трошоци за превоз на учениците така што директорите и наставниот кадар не гледаат причини за штрајк, информираат од таму. Штрајк во гевгелиските училишта ќе нема, изјави градоначалникот Франгов.

Извршени се сите подготовки за успешно продолжување на воспитно-образовниот процес во предучилишното, основното и средното образование во градинките и училиштата и во општина Пехчево.

Ванчо Сивевски, директор на ООУ „Ванчо Китанов“ и Гордана Вазлиска, директорка на ЈУ Детска градинка „7 септември“  изјавија дека вработените просветни работници и другиот персонал не го подржуваат најавениот штрајк од раководителите на СОНК и оти не гледаат никакви причини да не го започнат второто полугодие.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top