Собранието на Република Македонија во продолжението на 31 седница прифати повеќе предлог-закони по скратена постапка.
Со 61 гласа за и еден против пратениците го изгласаа Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската Банка за обнова и развој по Договорот за заем за проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 1 – делница Куманово – Бељаковце“
Заменик на министерот за финансии Ардиан Џеладини, во образложението на Предлог законот, потсети дека рехабилитацијата на делницата со должина од 30,8 км започнала во март 2014 година.
– Со изградба на оваа делница ќе заврши првата фаза за поврзување на пругата кон Република Бугарија, со што ќе се создадат поволни услови за насочување на економијата кон меѓународниот глобален пазар, потикнување на инвестициите, зголемување на бруто домашниот производ и просперитетот на националната економија – истакна Џеладини.
Пратениците го изгласаа и Предлог законот за дополнување на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај ЕБОР по Договорот за заем за финансирање на Проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце-Крива Паланка – источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2“, кој се финансира со заем во износ од 145 милиони евра.
Проектот предвидува изградба на железничката пруга вклучувајќи и реконструкција на постоечките делови од линијата, во вкупна должина од 34 км. Со изградба на оваа делница ќе заврши втората фаза за поврзување на пругата кон Република Бугарија.
Собранието по скратена постапка го усвои Предлог-законот за дополнување на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за проектите „Набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД-Скопје“ кој ќе се склучи меѓу ЕБОР и МЖ Транспорт АД-Скопје и за рехабилитација на магистралните и регионалните патишта, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка и Јавното претпријатие за државни патишта, како и за финансирање на Програмата за национални патишта, кој ќе се склучи меѓу ЕБОР и Јавното претпријатие за државни патишта.
– Проектот „Набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД-Скопје“ се финансира со заем од ЕБОР во износ од 50 милиони евра со кој ќе се изврши набавка на четири дизел-моторни триделни патнички гарнитури и две електро-моторни триделни патнички гарнитури, рехабилитација на 8 електро локомотиви и набавка на 150 товарни вагони од различни типови – образложи заменик на министерот за финансии Ардиан Џеладини.
Собранието прифати повеќе барања за автентично толкување на членови на неколку закони.
Со 64 гласа за, четири против и еден воздржан пратениците ја изгласаа Предлог-резолуцијата за миграциска политика на Република Македонија 2015-2020, а ја усвоија и Предлог одлуката за давање согласност на Статутарната одлука за изменување на Статутот на Униветрзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.