Расте бројот на наставници што нема да го поддржат генералниот штрајк на СОНК најавен за 20 јануари. Поголема група професори и наставници од Ресен, Штип, Радовиш, Крива Паланка, Берово, Охрид, Прилеп, Демир Капија денеска објавија дека нема да штрајкуваат.
Основните и средните училишта во овие општини се подготвени за почетокот на второто полугодие од школската година. Наставниците и професорите истакнаа дека ги поддржуваат барањата, но дека штрајкот и излегувањето на улица не е опција за решавање на проблемите.
– Наставници и членови на Синдикатот за образование, наука и култура ги поддржуваат, а воедно и се приклучуваат кон барањата на нашите колеги, кои во текот на вчерашниот ден јавно побараа од раководството на СОНК да се повлече од намерата за организирање генерален штрајк и целосно блокирање на основните и средните училишта. Го делиме ставот дека идејата за бојкот на воспитно-образовниот процес на учениците во земјата, произлегува од личните интереси на потесното раководство на синдикатот предводено од актуелниот претседател Јаким Неделков, кој оваа година очекува да биде реизбран, односно да ја задржи позицијата од која во изминатите неколку месеци свесно манипулира со нас наставниците и си поигрува со учениците и нивните родителите, често најавувајќи штрајкови – изјави штипска професорка.
Градоначалниците на овие општини ги посетија училиштата за да остварат средби со раководните структури, по што им било соопштено дека пречки или застој во работава на училиштата нема да има.
Тоа значи дека наставниците нема да штрајкуваат, туку ќе ја почнат наставата за своите ученици и таа ќе се одвива нормално.
Во согласност со најновите законски измени во образованието, доколку некој од вработените одлучи да се приклучи кон најавениот штрајк, раководните органи на училиштата преку Агенцијата за вработување ќе обезбедат соодветна замена со цел наставата да се одвива редовно и непречено.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.