Македонската православна црква на своите верници им понуди нова услуга што можат да ја користат преку своите мобилни – две апликации за паметни телефони, „Свето писмо“ и „Православен молитвеник“ на македонски јазик, пишува „Нова Македонија“.
Апликациите се наменети за уредите со оперативен систем aндроид, а ги изработија калуѓерките од манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Вељуса. Тие се надеваат дека на tој начин верниците полесно ќе доаѓаат до корисни информации, кои се однесуваат на православниот духовен живот.
За да се користат апликациите, потребно е уредот да има најмалку верзија 4.0 на aндроид. Првата ги содржи Стариот и Новиот завет и за нејзиното користење не е потребна активна интернет-конекција. „Православен молитвеник“, пак, содржи утрински и вечерни молитви, акатист кон Пресвета Богородица, молитви за разни потреби, Пасхално молитвено правило и друго.
Овие апликации следуваат по позитивните реакции од верниците за апликацијата што ја создадоа калуѓерките од Вељуса во 2013 година. Станува збор за „Православен календар“, кој се состои од месечен приказ на деновите, информација за светителите и празниците за секој ден во текот на годината, приказ на седмиците од годишниот богослужбен циклус, начинот на пост за секој ден, евангелско четиво за денот, како и поука за денот. Исто така, за секој светител е приложено и неговото кратко житие.
Апликациите можат да се пребаруваат на два начина: преку избор на конкретен датум и преку избор на празник и година. Во иднина тие ќе се дополнуваат со нови информации, а ќе се работи и на нивно приспособување за другите мобилни платформи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


