| четврток, 6 декември 2018 |

Плодови што ги убиваат и најопасните видови рак

Карела, уште позната и како горчлива диња, потекнува од тропските и од суптропските подрачја на Средна и Јужна Америка, Африка и на Азија. Се одгледува како храна и како лек. Растението расте како лоза со долги расцепкани листови и со жолти цветови, а плодот изгледа како рапава тиква со издолжен облик и наликува на краставица

Младиот плод е зелен, а кога е зрел добива портокалово-жолта боја. Зрелиот плод пука на три дела и пушта многубројни црвени семки. Сите делови од растението се горчливи и погодни за консумација – лист, плод и семе. Незрелите плодови се многу добар извор на витамин Ц, калиум и на фосфор.

Во кулинарството карелата може да се подготвува како варена, печена и пржена, а сушените листови се користат за чај.

karela-zemj123-2

Инвестицијата при одгледување карела е во купување расад, ѓубрење, но и наводнување по системот капка по капка, но е високодоходовна култура, чиј пласман е обезбеден и чии плодови се скапи, така што инвестиција се враќа брзо. Се сади околу 15 мај, но може и порано под услови температурата на почвата да е повисока од 10 Целзиусови степени. Садењето е рачно или машинско. Се сади меѓу столбовите на мрежа, со растојание во редот од половина метар. Садењето се изведува на подигнати греди. Потребно е растенијата да се наводнуваат веднаш по пресадувањето и идните 7-10 дена. Подоцна во текот на одгледувањето треба да се продолжи со наводнувањето, но треба да се внимава да нема премногу влага бидејќи преголемо количество вода во зоната на коренот значително го намалува приносот. Ако е потребно, плевелите може да се отстранат рачно, и тоа 15-20 дена по садењето околу растенијата. Меѓу редовите е дозволено третирање со хербициди или механичко отстранување. Карелата бара наводнување со систем капка по капка и ѓубрење кое зависи од претходната култура и од резултатите од хемиската анализа на почвата. На лоши структурни почви е потребна употреба на шталско ѓубре или компост, но се препорачува и на сите останати почви ако постои можност. Одлични резултати се покажале со „италполина“, органски ѓубрива и примена на фолијарна прихрана во текот на вегетацијата.

– Годинава карелата ја имавме експериментално и таа даде одлични резултати. Карелата е лековито растение и луѓето го користат за повеќе заболувања, а во исто време има и одлична цена. Се покажа дека штипското поднебје е одлично за одгледување на оваа егзотично растение – вели Владимир Милановиќ од фирмата „Милановиќ“, кој во Македонија одгледува егзотични билки.

karela-zemj123-3

Нова студија покажала дека сокот од горчлива диња, познато овошје во Азија и во Африка, значително го намалува растот на канцерогеното ткиво бидејќи го нарушува метаболизмот на гликоза во клетките од ракот, со што буквално ги изгладнува неговите клетки без шеќерот кој е основното гориво без кое не можат да преживеат. Ефектот на ова растение врз ракот се забележува кај рак на дојка, простата, дебело црево, црн дроб, желудник, леукемија. Најновата студија покажала дека сокот од горчлива диња дејствува цитоксично и врз карциномот на панкреас.

Иако растението е познато по својата лековитост, повеќето здравствени придобивки дури неодамна станаа актуелни во западната медицина. Оваа билка е посебно позната во Јапонија, поточно во Окинава, каде што жителите се познати по својата долговечност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top