| четврток, 6 декември 2018 |

Во ХЕЦ „Шпилје“ произведени 60 милиони киловат-часови електрична енергија

HEC-SpiljeПоволната хидрологија на дебарското сливно подрачје, кое ги опфаќа реките Радика и Црн Дрим, условија трите агрегати на ХЕЦ „Шпилје“ кај Дебар да работат под полн капацитет, призведувајќи по околу два милиона киловат- часови електрична енергија дневно. Од почетокот на годинава се произведени околу 60 милиони киловат-часови електрична енергија, што претставува остварување на годишниот план за околу 25 проценти.

Средниот дотек на вода во акумулацијата Дебарско Езеро моментно изнесува 56 кубни метри вода во секунда. Во акумулацијата има резерва на вода за производство на 30 милиони киловат-часови електрична енергија. До максималната кота (580 метри) има уште околу четири метри. Доколку дојде до прелив преку преливната шахта, нема опасност од поплави во поширокиот дебарски регион поради конфигурацијата на теренот.

Ако продолжи поволната хидрологија и во наредниот период, годишниот план од 252.082 милиони киловат-часови се очекува да биде остварен, па и надминат. Лани беа произведени 241 милион и 271 илјада киловат-часови електрична енергија што претставуваше натфрлување на планот за околу 2 процента.

Во 44-годишното постоење на хидроцентралата, максимално рекордно производство на електрична енергија е забележано во 2011 година кога беа произведени околу 560 милиони киловат часови поради исклучително поволната хидрологија, што, според стручните лица, се случува еднаш на сто години.

Под полн капацитет работи и ХЕЦ „Глобочица“, која заедно со „Шпилје“ го сочинуваат системот хидроцентрали „Црн Дрим“,  испорачувајќи енергија во согласност со потребите на електроенергетскиот систем. И двете хидроцентрали се во одлична кондиција и се подготвени да ги примат и преработат сите количини вода што доаѓаат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top