| четврток, 6 декември 2018 |

Професорката „бегалка“ избега и од емисијата на Ефтов

Професорката Билјана Ванковска уште еднаш го потврди својот демократски капацитет. Откако избега од дебата во Собранието за измените во Законот за високо образование, таа избега и од емисијата „Во центар“ на новинарот Васко Ефтов.

-Ако му верувате на Груевски, нема зошто да зборувам со вас“ – му рече Ванковска на Ефтов откако тој се обидуваше да извади одговори на неколку едноставни прашања – „зошто протестиравте и зошто избегавте од дебата“. Но и покрај тоа што прашањата неколкупати беа поставени, одговор немаше. Имаше коментар: „Одбивам да разговарам, вие му верувате на Груевски“.

На Ванковска не ѝ се допадна ставот на Ефтов, дека таа едно пишува во писмата што ги испраќа, во кои го обвинува Груевски дека ја урива автономноста на универзитетите, а друго зборува пред него. Не ѝ се допадна ниту ставот на новинарот дека „Професорскиот пленум“, и таа како едно од водечките професори во тој пленум уништиле еден чист студентски протест.

– Вие ги девалвирате студентите – рече Ванковска и побара да бидат исклучени камерите.

Откако Ефтов, по изборот на Заев за лидер на најголемата опозициска партија, ја „погреба СДСМ“, сега ги потврди намерите на професорите кои затскриени зад студентите протестираа за она што не ги засега студентите, туку ги засега нив лично. Тие во преден  план го ставија нивниот комодитет кој им се нарушува со измените во Законот за високо образование. Тие не се согласуваат со заострените критериуми според кои од професорите се бара да имаат објавен труд во списанија со импакт фактор кои се меѓународно признати и прецизирани со закон. Иако бараа дебата за законот, избегаа од истата. Дебатата во никој случај немаше да им наштети на студентите. Истата само можеше да биде во корист на студентите. Но, наместо дебата за законските измени, професорите од „Професорскиот плениум“ водеа политичка битка. И кога им се понуди она што го бараа – дебата, избегаа. Прво не им одговараше хотел, служел за други работи, а потоа ни Собранието затоа што Груевски не бил домаќин во Собранието… А бегањето од дебати не е новина за поддржувачите на опозицијата. Тие се подготвени за дебата само во  медиумите контролирани од опозицијата, финансирани од СОРОС.

Државниот испит за кој студентите излегоа на студентски протест, а „Професорскиот пленум“, заради свои инетреси, му даде политичка димензија, ќе стартува како пилот-проект. За државниот испит ќе има пробна година, нешто што беше побарано од Ректорската управа на УКИМ, а прифатено од Собранието и од Министерството за образование и наука. Резултатите од пилот-проектот нема да имаат правни последици за тие што ќе бидат опфатени со него, што е во интерес на студентите. На тој начин ќе овозможи на најдиректен начин да се воочат сите потреби од евентуална надградба или поедноставување на целиот процес. Односно, сите чинители ќе видат што значи и како изгледа тој процес, тој чин, и непосредното искуство на студентите, професорите и на сите останати засегнати страни ќе помогне при конечната формулација на процесот преку кој ќе се врши верификација на академското знаење на студентите.

Од што следно ќе избега Ванковска?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top