| четврток, 6 декември 2018 |

Филмскиот проект „Тајната состојка“ на Ѓорче Ставревски на Берлинскиот маркет

„Тајната состојка“ на Ставревски ќе биде меѓу 36 нови долгометражни проекти од 28 земји што ќе бидат презентирани на 12-тиот копродукциски маркет на Берлинскиот филмски фестивал, кој ќе се одржува од 8-ми до 10 февруари.

– „Тајната состојка“ е еден од 10-те избрани проекти во конкуренција од вкупно 245 пријавени проекти како дел од програмата „Talent Project Market”. Во оваа програма ќе бидат претставени десет надежни продуценти и режисери кои ќе добијат можност како учесници на маркетот да остварат копродукциски соработки со меѓународни филмски професионалци со цел да овозможат потенцијална реализација на своите проекти, соопшти Агенцијата за филм на Република Македонија.

Филмскиот проект „Тајната состојка“ (работен наслов: „Крани“) е прв долгометражен филм на Ѓорче Ставревски. Продуцент на филмот е Емилија Чочкова од „Фрагмент филм“.

Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија во Годишната програма за финансирање на филмски проекти за 2013 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top