| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се преиспитува победата на Колинда Грабар Китаровиќ?

колинда

Во Хрватска е во тек полемика за преиспитување на резултатите од претседателските избори и легалноста на победата на Колинда Грабар Китаровиќ.

Членот на изборниот штаб на Иво Јосиповиќ задолжен за правни прашања, Сандра Петровиќ Јаковина, истакнува дека победата е под знак прашалник и оти Уставниот суд треба да се произнесе. Таа вели дека сѐ уште не донеле одлука за поднесување барање до Уставниот суд, но смета дека тоа треба да се направи поради неусогласеност на Законот за избор на претседател и Уставот на Хрватска.

Барање за преиспитување на изборите може, по официјалното прогласување на изборните резултати, да поднесе претседателски кандидат, но и партии кои се кандидирале на изборите. Тоа значи дека ако Јосиповиќ не сака лично да поднесе барање, тоа може да го направат СДП и ХНС, односно која било партија која ја поддржала негова кандидатура.

Премиерот Зоран Милановиќ изјави дека ќе упати честитки откако резултатите ќе бидат конечни поради што и се очекува СДП да поднесе такво барање до Уставниот суд, наведува весникот „Јутарњи лист“.

Резултатите од изборите сѐ уште не се конечни бидејќи на едно избирачко место во Карловац изборите мора да се повторат.

Целосен метеж настана откако во конечниот извештај за вториот круг од претседателските избори не беа вметнати неважечките ливчиња.

Според Петровиќ Јаковина, постојат повеќе причини поради кои победата на Колинда Грабар Китаровиќ е доведена во прашање. Прво е што членот 17/4 од Законот за избори на претседател во Хрватска не е во согласност со членот 94 од Уставот на Хрватска, кој вели дека за победа на претседателски избори е потребно да се освои мнозинство гласови од сите избирачи кои гласале.

Од друга страна, обидот на СДП да ги оспори изборите за ХДЗ е „смешен“. Дајана Антонија Бебек од ХДЗ вели дека од редовите на СДП сакаат да замаглат ново фијаско на својата влада. Досегашниот претсеател Иво Јосиповиќ веќе ѝ честиташе на Колинда Грабар за победата и неговиот изборен штаб е затворен.

– Претседателот Јосиповиќ, како и досега, нема намера да се меша во одговорноста и обврските на Изборната комисија и на Уставниот суд – наведуваат претставници од тој штаб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top