Професорите кои ги поддржуваат реформите во високото образование испратија писмо до претседателот на државата Ѓорге Иванов.
Тие во писмото бараат првиот човек на државата да го потпише указот за измените на Законот за образование со кое се воведува државен испит на факултетите.
Денеска пред Собранието на Македонија Студентскиот пленум побара од Иванов уште еднаш да не го потпише Указот за прогласување на Законот за измени и дополнувања на Законот за високо образование, заедно со останатите четири закони од областа на образованието.
„Никој во Република Македонија нема ексклузивно право, самоиницијативно и самостојно да говори во името на сите граѓани, независно од дејноста со која се занимава, вклучувајќи ја и просветната. За таа цел, во името на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование, бараме да го потпишете указот на пакетот реформски закони, за кој цврсто сме убедени дека ќе придонесе кон зголемување на севкупниот квалитет на образованието на сите нивоа и ќе обезбеди бројни бенефиции за учениците, наставниците, студентите, професорите и научно истражувачките работници. А тоа подразбира продолжување на патот кон градењето на општество базирано на знаење, како основа за понатамошниот раст и развој на Република Македонија.
Процесот на изменување и дополнување на сите законски решенија беше отворен до денес. Министерството за образование и наука, како и сите останати конструктивни субјекти, апелираа до сите универзитети, факултети, професори да достават свои предлози за подобрување на квалитетот на постојните предлог законски решенија. Сите кои навистина имаа добра намера во процесот тоа и го сторија. Исто така, сите кои сакаа да дадат свој придонес во процесот имаа шанса и простор на дебатата организирана на 5 јануари во Собранието на Република Македонија, како и на средбата која на Ваш предлог, доколку не беше одбиена од Професорскиот пленум, требаше да биде организирана во Вашиот кабинет.
Новите образовни реформи кои се однесуваат на високото образование не се никаков „упад“ во автономијата на универзитетите. Сите ние доаѓаме од таму, од високо образовните установи и тоа најдобро го знаеме. Конечно, би сакале и да потсетиме дека автономијата на универзитетот секогаш била и мора да остане тесно поврзана со начелото на јавната одговорност на универзитетите во однос на заштитата и развојот на општеството и на државата“, се вели меѓу другото во писмото од Иницијативниот одбор на граѓанската иницијатива, во кое се вели дека реформите не се упад во автономијата на универзитетот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани