Македонија има релативно лесна група во почетната фаза од натпреварите на Светското првенство во Катар, а ривали ни се Хрватска, Австрија, БиХ, Тунис и Иран. Стартот на ракометниот мундијал за нас е на 16 јануари, со натпреварот против Тунис. Следниот ден противник ќе ни биде Иран, потоа на 19 јануари ќе го играме балканското дерби со БиХ, два дена подоцна ќе ги одмериме силите со Хрватска во уште едно регионално дерби, за да го завршиме настапот во првата фаза во групата Б со меч против Австрија.
Мошне важно ќе биде која позиција ќе ја има Македонија во групата Б, а амбициите се пласман меѓу првите четири селекции за да се обезбеди пласман во следната фаза. Веднаш ќе се играат нокаут-мечеви, а репрезентациите од нашата група ќе се „вкрстат“ со селекциите од групата А каде што се Шпанија, Словенија, Катар, Белорусија, Бразил и Чиле. Принципот е добро познат и во елиминациската фаза ќе играат првиот од едната група со четвртиот од втората група, вториот со третиот и обратно. Пласман во четвртфиналето ќе значи отворање на портите за настап на Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро во 2016 година, каде што ќе играат најдобрите седум селекции од шампионатот во Катар.
Како водич на ракометниот мундијал, според редоследот на натпревари, ви ги претставуваме противниците на Македонија во првата фаза во рамките на групата Б.

Тунис – еуфорија што трае цела деценија

Ракометот во Тунис е еден од најпопуларните спортови, а оваа репрезентација е број 1 во Африка. Во Катар ќе учествуваат по 12. пат на светските првенства, што е рекорд во конкуренција на селекциите од најсиромашниот континент. Еуфоријата по ракометот ја достигна кулминацијата во 2005 година, кога Тунис беше домаќин и се проби до полуфиналето. И тогаш ги предводеше легендарниот селектор Сеад Хасанефендиќ, кој ги доведе до битка за медали, за жал на Тунижаните, без завршен удар. Во полуфиналето загубија од Шпанија, која стана светски првак, а по голема битка го загубија и бронзениот медал по поразот со 25-26 од Франција.
Во нов поход по подвиг Тунис ќе тргне со Хасанефендиќ на кормилото, а овој пат ситуацијата е поповолна за нив. Имаат дузина одлични ракометари, кои играат во Европа, предводени од Жалуз, кој е соиграч во Барселона на нашиот капитен Кирил Лазаров. Уште на стартот од натпреварите во групата Б ќе гледаме пресметка меѓу двајцата соиграчи во Барса, од кои зависат многу работи во двете селекции. Жалуз е мошне силен ракометар, вистински атлет со разорен шут и ако влезе во серија може да биде многу опасен. На натпреварувањето Суперглоуб во 2012 година му даде осум гола на германскиот гигант Кил и следната година стана член на „зебрите“. Потоа замина во Барселона како еден од најталентираните светски ракометари. Жалуз има 23 години и е главен адут на Тунис во Катар, но не треба да се заборави дека во составот на африканскиот шампион има уште десетина ракометари, кои, претежно, играат во француските клубови. Амине Банур е, исто така, врвен стрелец, а треба да се внимава и на одличниот пикер Исам Теј, кој игра за Монпелје. Тунижаните велат дека целта е да се помине првата фаза, но потајно се надеваат на нов поход на медал.

Иран – исполнет сонот за деби на мундијалите

Иран ќе дебитира на Светско првенство, а до запис во историјата и голем успех за нив, ракометарите стасаа со освојување на третото место на Азиските игри во Бахреин годинава. И тоа го направија со стил, без услугите на најдобриот играч Иман Јамали. Левиот бек на унгарски Веспрем, во тој период настапуваше на завршниот турнир за титулата во Лигата на шампионите и стана првиот Азиец што настапил на завршницата на популарниот „Велукс Ф4“.
Јамали ќе игра во Катар за Иран и тој е главниот адут на Иранците, заедно со Сајад Естеки. Тие двајца беа најдобри стрелци на јуниорското СП во Грција пред четири години. Естеки постигна 91 погодок, а зад него на листата на стрелците беше Јамали со 80 гола. Кај Иранците видлив е трендот на забрзан развој на ракометот, а планот е што повеќе ракометари да настапуваат за силни европски екипи.
За да бидат конкурентни во Катар, во составот вклучија и двајца ракометари што се Иранци по потекло, но се родени во Скандинавија. Даниел Комајеш и Нима Зимани само ќе донесат дополнително искуство и квалитет од шведската и во данската ракометна лига. Дополнителен плус е што оваа генерација репрезентативци ја предводеа европски селектори. Во Катар од клупата ќе диригира Словенецот Борут Мачек, а пред него селектор беше некогашниот најдобар светски ракометар во изборот на ИХФ, Рафаел Рихоса (наградата ја доби во 1999 година).

БиХ – земјата со легендарни ракометари за првпат на СП

Босна и Херцеговина има богата ракометна историја со врвни играчи од калибарот на Абаз Арсланагиќ, Златан Сарачевиќ, Ирфан Смаилагиќ, Небојша Поповиќ… Ракометари што оставиле траен белег во светскиот ракомет. Тие се дел од златните времиња на југословенскиот ракомет, кога БиХ понуди плејада врвни ракометари и ја имаше првата екипа што го освоила европскиот врв. Борац Бања Лука во 1976 година стана европски првак во тогашниот Куп на шампионите. Тоа се старите добри времиња, на кои во БиХ се сеќаваат со радост, а нов светол момент за историја на независна БиХ се случи на 15 јуни 2014 година. Во ист ден машката фудбалска репрезентација на БиХ го одигра првиот меч на мундијалите и по голема битка загуби со 1-2 од светска велесила каква што е Аргентина. Неколку часа претходно ракометарите направија вистински подвиг со ремито 29-29, во Рејкјавик, против Исланд, за прв пласман на СП. Со нас, Хрватска и Словенија Босанците го чинат балканскиот квартет во Катар. И ждрепката сакаше тројца од нив да се во групата Б.
Како што самите велат, во БиХ составот за Катар нема големи ѕвезди, но тимскиот дух им дава надеж за успех. Мухамед Торомановиќ, кој игра во француски Кретеј заедно со нашиот голман Борко Ристовски, отскокнува со квалитетот. Искусниот пикер (30 години) има 111 настапи за БиХ и 382 гола, убедливо најмногу од оваа генерација на ракометари. Тука е и членот на Веспрем Мирсад Терзиќ, потоа и Никола Прце, Иван Карачиќ (брат на вардаровиот голгетер Игор Карачиќ). Сепак силата на тимот е во колективниот дух и во препознатливиот магичен балкански стил на игра, со многу дух, со ракометари што имаат врвна техника.
До историја и прв настап на големо натпреварување ги предводеше селекторот Драган Марковиќ, кој ќе биде предводник на БиХ од клупата и во Катар.

Хрватска – гигант со врвна колекција на медали

Само треба да се погледне колекцијата на медали на Хрватска за да стане јасно кој е фаворит во групата Б, па и дел од главните претенденти за светската круна во Катар. Популарните „огнени“ во витрините имаат две олимписки злата, една светска круна, а недостига само најсјаниот медал од ЕП, каде што на двапати губеа во финален натпревар.
Во Катар ќе постават несекојдневен рекорд со 11 учества едноподруго на ракометните мундијали. Составот што го имаат светските прваци од 2003 година е вистински ракометен дрим-тим. Игор Вори, Домагој Дувњак, Иван Чупиќ, Мануел Штрлек, Марко Коплјар, Мирко Алиловиќ, Јаков Гојун, Игор Карачиќ и уште десетина врвни асови ќе му бидат на располагање на селекторот Славко Голужа. Ќе го нема Јосип Валчиќ поради повреда, но слатките маки како да се скуси поширокиот список на ракометари за Катар му остануваат на Голужа.
Едноставно, во таборот на Хрватите има премногу индивидуален квалитет, што треба да се преточи во тимски дух за успешен настап во Катар и за продолжување на традицијата во освојување медали на големите натпреварувања.
Опасноста демне од сите позиции, а Хрватите ќе имаат и силна клупа, како дополнителен адут на еден од најквалитетните состави за настап на тежок турнир каков што ќе биде мундијалот во Катар.

Австрија – состав од Бундеслигата што не смее да се потцени

Австрија има интересна приказна и е селекција со многу натутрализирани ракометари. Или поточно со играчи што имаат потекло од други земји, но се родени во Австрија. За земја со скромна ракометна традиција, со силна експанзија, значајно е што во последно време е сѐ поприсутна на големите натпреварувања. И има дури девет ракометари што настапуваат во клубови од германската Бундеслига. Податок што предупредува, иако со нив имаме одличен биланс. На двапати ни беа ривали во квалификациски циклуси за големите натпреварувања, а ги победивме во 2014 година на ЕП во Данска со 22-21.
Долго време кај Австријците алфа и омега е плејмејкерот Виктор Шилаѓи, ракометар што е роден во Будимпешта и е Унгарец, натурализиран и игра за Австрија. Во Данска, македонските ракометари успешно го сопреа и не успеа да постигне ниту еден гол, што значи дека го имаме рецептот за главниот играч кај последниот противник со кого ќе играме во фазата по групи. Во составот го нема најефикасниот ракометар од дуелот во Хернинг против Македонија, Конрад Вилчински. Тој ни даде седум гола, но сега нема да настапи во Катар бидејќи замина в пензија. Повторно ќе треба да внимаваме на левото крило Роберт Вебер, кој ни задаваше многу мака во Хернинг. Треба само да се нагласи дека тој е првиот Австриец што бил најдобар стрелец во силната Бундеслига за да биде јасно за каков квалитетен ракометар се работи. Од спротивната страна ќе биде опасен и Раул Сантош, а со одбраната командува извонредниот голман Никола Мариновиќ. Потенцијално изненадување на кое треба сериозно да се смета е Никола Билик, момче што ја заслужи наградата за најкорисен играч (МВП) на јуниорското ЕП, лани.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 123. број на неделникот „Република“, 9.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


