Главниот муфтија на Египет Шауки Алам го предупреди францускиот неделник „Шарли ебдо“ да не објавува нова карикатура од пророкот Мухамед, нагласувајќи дека тоа е расистички чекор што ќе предизвика омраза и ќе ги разгневи муслиманите низ целиот свет.
Се очекува „Шарли ебдо“ утре да излезе со карикатура на пророкот Мухамед на првата страница на првиот број на весникот по нападот врз редакцијата на весникот, во која беа убиени 12 лица. – Овој број ќе предизвика нов бран омраза во француското и западно општество и не помага за заедничко постоење и дијалог на цивилизациите, изјави тој, додавајќи дека тоа претставува неоправдана провокација на чувставата на муслиманите низ целиот свет.
Главниот муфтија и експертите од исламскиот центар „Ал Азхар“ нападот го нарекоа терористички акт, но истовремено ги критикуваат и карикатурите на пророкот, што предизвикаа протести по нивното објавување во 2005 година.
Египетскиот центар за исламско право Дар ал Ифта, исто така, го осуди најавениот број на „Шарли ебдо“, јави ДПА. Дар ал Ифта, предупреди дека серијата од напади врз француски џамии по нападот врз „Шарли ебдо“ ќе предизвика екстремизам на двете страни.
Ибрахим Негм, советник на муфтијата во Египет, изјави дека муфтијата го осудува нападот врз неделникот. – Ние ги повикуваме сите муслимани да не учествуваат во насилства. Ние го отфрламе насилството и ја почитуваме слободата на говор. Но другата страна, треба да разбере дека ние го сакаме пророкот Мухамед, нагласи тој.
Радикалниот британски исламски проповедник Анџем Чоудари изјави дека планираната нова карикатура на пророкот Мухамед е дел од водечката војна против исламот и неговите поддржувачи, наведува ТАСС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.