Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов попладнево се сретна со претставници на Студентскиот и на Професорскиот пленум во резиденцијата на Водно. Тој не се изјасни дали ќе го потпише указот или не, на студентите и на професорите им рекол дека ќе настапува во функција на државник и претседател, а не на професор.
Ова пред малку од пред претседателската резиденција го изјави претставникот на Студентскиот пленум, Константин Битраков.
Студентите и професорите на Иванов му предочиле дека гледаат многу спорни елементи за автономијата на универзитетот, како и проблеми во врска со Болоњскиот процес, во изменетиот закон за високо образование. Тие му кажале на претседателот, дека не е реформски предизвик да се проверува знаењето со одговори под „а“, „б“, „в“ и „г“ и укажале на опасноста дека затворските казни не се компатибилни со слободарскиот дух на универзитетот. Иванов, како што рече професорот Абдулменаф Беџети, тврдел дека целта на законот е да се влијае да се подобрат тие универзитети кои не се во првите пет најдобро рангирани во Македонија.
– Ние му рековме дека тоа не е во ред, дека не е добро наместо да се продолжува кратката нога, да се крати долгата нога – рече Беџети.
Професорката Гордана Силјановска посочи дека ветото на претседателот одлучиле да го побараат како посебен механизам на контрола на извршната врз законодавната власт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


