| четврток, 6 декември 2018 |

Садистичко измачување на мачор во Ново Лисиче

Утрото на 10 јануари, нашите активисти беа сведоци на исклучително гротескна слика од  измачувано тело на возрасен бездомен мачор кој веќе неколку години им бил локален миленик  на жителите во скопската населба Ново Лисиче, апелираат од Здружение за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“. Во нивното соопштение ги известуваат граѓаните дека безживотното осакатено тело на мачорот го  пронашол еден од многуте граѓани кои го хранеле и се грижеле за него.

– Граѓаните кои го пријавија случајот кај нас мачорот го опишуваат како неверојатно питом и мил со луѓе што веруваме и дека е една од главните причини поради која станал жртва на овој монструозен чин, пишува во соопштението на Здружението.

Остатокот ви го пренесуваме во целост.

Имено, десната предна нога на мачорот е целосно ампутирана, а со хируршка  прецизност се целосно отсечени ушите и јазикот, како и устата. Повеќе од јасно е дека не се  работи за напад од поголемо животно, туку за дело што го направил „човек“ кој дивјачки и садистички се изживувал врз несреќното животно што доживеало ужасна смрт.

Фотографии од грозоморниот чин има овде, предупредуваме дека се вознемирувачки!

Потсетуваме дека согласно со член 4 став (6) и (7) од Законот за заштита и благосостојба  на животните забрането е предизвикување на болка, патење или повреди, сурово и нехумано  однесување и убивање, како и осакатување на животни за што во член 65 став (2) во врска со  став (1) точка 30 и член 67 став (2) во врска со став (1) точка 1 е предвидена парична казна во износ од 150-500 евра, односно 3.000 евра во денарска противвредност. Освен тоа, Кривичниот законик на РМ во член 233 став (1) предвидува, покрај паричната, и казна затвор до шест месеци за тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање.

Дополнително, би сакале да нагласиме и дека изживувањето врз животни неретко преминува во потешки злодела опасни по животот на луѓето – вооружени кражби, силувања, сериски убиства. Секојдневно сме сведоци на сè повеќе примери на девијантно однесување и нови случаи на монструозни злочини што се објавуваат во медиумите. Статистиката вели дека
добар дел од сторителите во одреден дел од својот живот измачувале и убивале животни – информација што на институциите задолжени да санкционираат криминално однесување им е веќе одамна позната.

Телото на мачорот е пронајдено во близина на игралиште каде што секојдневно има голем број мали деца. Со ова директно е загрозена и нивната безбедност, како и безбедноста на сите граѓани кои во моментот на измачувањето и убивањето на животното би се нашле во близина на местото на злосторството и кои можеби секојдневно се разминуваат со монструмот од нивната населба. Ги повикуваме институциите на ажурност, темелност и сериозност во истрагата и бараме од нив да ги преземат сите неопходни мерки за да се пронајде и казни сторителот, бидејќи да го спречиме монструмот (или монструмите) навреме значи да спасиме уште многу животи кои инаку би можело да ги снајде истата страшна судбина што, секако, ниедно невино суштество не ја заслужува.

Случајот е пријавен во ПС ОН Аеродром и во Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ. Најостро го осудуваме овој варварски чин и бараме максимална казна за монструмот. Апелираме до сите граѓани кои имаат каква било информација за овој случај да ни ја испратат на [email protected] или на [email protected]. Секој граѓанин што ќе ни достави информација ќе остане анонимен доколку тоа е неговата желба. Денес жртвата на монструмот е бездомно маче, утре може да биде вашиот миленик, вашето дете или вие самите. Не премолчувајте доколку сте сведок на злосторство, со тоа станувате соучесник! Сите имаме граѓанска должност да градиме здраво општество и навреме да ги отстрануваме болните точки.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top