| четврток, 6 декември 2018 |

Предлозите на универзитетите дел од новиот текст на законот за високо обрзование

Собраниската Комисијата за образование, наука и спорт го изгласа во второ читање целиот пакет за основното, средното и високото образование. Во текстот на Предлогот за измени и дополнување на Законот за високо образование се вградени голем број предлози од универзитетите кои Владата и МОН ги прифатија меѓу првото и второто читање на Предлог законот, а најголем дел од нив произлегоа од дебатата организирана на 5-ти овој месец.

Прифатените предлози се:

– Студентите да полагаат една половина од предметите во третата студиска година, независно од тоа дали го положиле или не првиот дел од државниот испит на крајот од втората студиска година – предлог на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип;

– Просекот за упис на високообразовните установи за образование на наставници од областа на спортот од 4.00 да се намали на 3.00 – предлог на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Државниот универзитет во Тетово;

– За студиските програми од областа на националната историја, лингвистика и уметностите да не важат одредбите од законот во делот на усогласување на нивната содржина со содржината на исти или слични студиски програми на некој од првите 50 рангирани универзтети од соодветните области, согласно Шангајската листа, имајќи ја во предвид нивната национална специфика – предлог на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Факултетот за општествени науки;

– Унапредување на административните капацитети на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, преку ангажман на дополнителен стручен кадар кој ќе работи во Одборот со полно работно време – предлог на Универзитетот на Југоисточна Европа;

– Постдипломските студии да се акредитираат во траење од една или две години – предлог на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“;

– Регулирање звањето – магистер на уметности – предлог на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Факултетот за општествени науки и

– Воведување јавен регистар на автори на трудови објавени во меѓународни научни списанија кои се дел од базата Web of Science – предлог на на Универзитетот на Југоисточна Европа.

 Во изминатите денови беа прифатени уште неколку предлози:

– За преземање на студиските програми од најдобрите сродни европски и светски универзитети согласно со Шангајската листа – предлог на Универзитетот на Југоисточна Европа;

– Студиските програми на високообразовните установи во Македонија да бидат делумно (60-70%) компатибилни со програмите на најдобрите европски и светски универзитети, односно да се земат во предвид спецификите на македонското стопанство – предлог на деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ, проф. д-р Димитар Трајанов;

– Студентите да можат да  слушаат предмети од третата студиска година, независно дали го положиле првиот дел од државниот испит на крајот од втората студиска година – предлог на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид.

 – Во меѓувреме, во предлог-законот целосно или делумно беа вметнати и други 20-ина основани сугестии и предлози кои писмено пристигнуваа во Министерството, соопшти МОН, наведувајќи ги позначајните:

 – Предлогот од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, за полагањето на државниот испит за студиските програми од областа на уметностите да подлежи на посебен и поинаков режим согласно стекувањето на специфичните уметнички вештини. Овој предлог подоцна беше надополнет и со предлогот на Факултетот за физичка култура од овој универзитет, во делот на спортот и стекнувањето на спортските вештини.

 – Предлогот на Правниот факултет при УКИМ – државниот испит да не се полага квартално, во периодите кога трае полагањето на колоквиумите. Беше одлучено државниот испит да се полага на крајот на месеците  февруари, април, август и ноември, само еднаш во кварталот.

– По барање на Правниот факултет за строго почитување на законските услови за воведување трет циклус на студии, во предлог-законот за измена и дополнување на Законот за високото образование дефинирано е дека докторски студии ќе може да организира само факултет кој е рангиран во првите пет универзитети и кој ги исполнува законските услови.

– Исто така, на иницијатива на „Јустинијан Први“ членовите на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование ќе ги избира Собранието на РМ, како основач на државните универзитети.

 – Прифатен е и предлогот на Факултетот за музичка уметност при УКИМ кој побара менторствата за втор циклус на студии од уметностите да не подлежат на критериумите кои се однесуваат на научно-истражувачката дејност, односно на објава на трудови во меѓународни научни списанија и во списанија со импакт-фактор, туку да бидат поврзани само со уметничката дејност. Слично на критериумите за докторските студии од областа на уметноста за сметка на што звањето со кое ќе се стекнува кандидатот да биде магистер по уметности наместо магистер на науки. Од овие критериуми, освен уметничките, исклучени се и студиите по филологија и национална историја.

 – На иницијатива на УКИМ коригирана е одредбата во која менторот мора да има објавени трудови во првите 50% списанија од соодветната област во базата на Web of Scеince. Доволно е трудот да биде објавен во кое било списание од оваа база. Потоа, по барање на дел од академската заедница, доуредено е дека професорот на најмалку еден труд мора да се јави како прв автор за да се избегнат манипулации кога е во прашање поделбата на бодовите од објавениот труд, преку неосновано потпишување на група автори.

Овој Предлог-закон заедно со пакетот закони кои се однесуваат на образованието ќе бидат разгледани на пленарна седница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top