Зад нас е една од поуспешните економски години, а пред нас е година полна со неизвесност, преполна со надеж и очекување на повисок економски пораст, повеќе нови инвестиции, повеќе вработувања. Ова, сепак, не се желби што ги посакавме од Дедо Мраз, туку реален резултат на напорите што се вложуваа во 2014 година со цел да се поттикне и развие македонското стопанство, да се подигне животниот стандард и да се забрза крвотокот на вкупната економија. И стопанствениците и стручњаците, но и граѓаните веруваат во подобро утре.
Сојузот на стопански комори на Македонија минатата година ја оценува како економски стабилна, што ги постави темелите на очекувањата за оваа година. Порастот на индустриското производство, на вкупната надворешнотрговска размена и на извозот се охрабрувачки и позитивни сигнали дека македонските компании успеваат да одговорат на предизвиците.
– Спроведувањето на Законот за финансиска дисциплина, едно од барањата на Сојузот на стопански комори на Македонија, како и кредитните линии на Европската инвестициска банка, со фиксна каматна стапка од 5,5 проценти, во голема мера во 2014 година влијаеше на подобрување на ликвидноста на компаниите. Најзначајно е тоа што освен за инвестиции, се изборивме оваа кредитна линија да се користи и за обртни средства. Овие средства компаниите ги користеа за индустриски развој на производните процеси, а потоа и за услужни, трговски дејности. Четвртата транша од поволната кредитна линија на ЕИБ во висина од 100 милиони евра, компаниите веќе ја користат – вели Данела Арсовска, претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија.
Според оваа коморска асоцијација, главни двигатели на економскиот пораст и в година ќе бидат зголемените капитални инвестиции, како и домашните и странски директни инвестиции. Исто така, зголемената ликвидност на банките и ослободените средства, создадоа релаксација и простор за пренасочување на пласманите за зголемено кредитирање на стопанството и на населението.
– Сепак, кредитниот пораст е насочен кон поголемите претпријатија, додека другите имаат потежок пристап до финансии. Во согласност со извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, пристапот до финансии е отежнат. Иако финансискиот сектор е стабилен и банките имаат доволно средства на располагање, сепак тие не се однесуваат како да се дел од стопанството и место да го следат и активно да учествуваат во него се јавуваат само како собирачи на сигурни камати и провизии. Тоа е една од главните причини зошто поголемиот број банки не се засегнати и не нудат различни видови кредити за стимул на стопанството и пониски камати за нив. Тоа што е позитивно во оваа насока и што ќе почне да функционира од 1 јануари 2015 година, државниот Фонд за иновации, преку кој треба да се поддржат стартап и спиноф-бизнисите. Исто така, Македонската банка за поддршка на развојот кредитира со понуда за поддршка на повеќе сектори во стопанството – додава Арсовска.
Сојузот на стопански комори на Македонија најавува дека во 2015 година ќе се залага за зголемување на конкурентноста на македонските компании и за поголем пласман на нивните производи, поради што е потребен поинтензивен премин кон стратегија базирана на иновации и фокус кон производи и услуги со поголема додадена вредност.
– Сметаме дека носители на оваа стратегија ќе бидат малите, продуктивни и приспособливи индустриски капацитети, земјоделскиот сектор, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и секторот туризам. Во 2015 година ССК очекува поголем економски пораст, пред сѐ, преку реализација на капитални инвестиции, изградба на автопатишта, регионални и локални патни правци, гасификација, модернизација и рехабилитација на железничкиот транспорт со нови пруги и возови, инфраструктурно средување на слободните економски зони за привлекување нови инвеститори – заклучува претседателката на ССКМ.
Тешка, но успешна 2015 година – очекуваат и бизнисмените, членки на Стопанската комора. Клучен фактор за зголемување на економскиот пораст в година, според нив, ќе биде подобрувањето на конкурентноста. Притоа компаниите треба да обрнат поголемо внимание на тоа како да ги намалат трошоците при работењето, а истовремено да ја зголемат продуктивноста, домашните инвестиции, како и извозот.
– Изминатата 2014 година беше исклучително тешка, а очекуваме и новата 2015 година да биде тешка, но успешна. Податоците што покажуваат зголемување на индустриското производство, на вкупната надворешно трговска размена и на извозот се охрабрувачки сигнали дека македонските компании, навистина, добро се снаоѓаат, но и добро ќе се снајдат и во оваа година – смета извршниот директор на Стопанската комора на Mакедонија, Јелисавета Георгиева.
И од Организацијата на работодавци очекуваат успешна и плодна година.
– Очекуваме раздвижување на економијата и пораст, со оглед на тоа дека македонското стопанство ги следи и зависи од случувањата во европската економија, а од таму стигнуваат позитивни сигнали. Значи, очекуваме добра и плодна 2015 година – вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.
Оптимизмот е присутен и кај експертите.
– Во линија со мојата проекција на крајот од 2013 година, економијата во 2014 година продолжи по патот на закрепнувањето, кое, главно, беше поттикнато од инвестициската и од извозната активност на странските директни инвестиции и градежната активност на државата, така што изминатата година ќе заврши со пораст не понизок од 3,5 проценти. Очекувам закрепнувањето да продолжи и во текот на 2015 година. Според некои водечки показатели, можно е благо забрзување на порастот во претстојната година. Но тоа главно ќе зависи од надворешната побарувачка, односно од тоа како еврозоната ќе се соочи со растечките дефлациски притисоци. На домашната сцена ќе продолжи почнатиот инвестициски циклус, а и понатаму голем двигател на порастот ќе биде државата преку почнатите инвестициски проекции, особено тие во патната инфраструктура– вели Марјан Петрески – професор на „Американ колеџ“.
Сѐ на сѐ, очекувањата се позитивни, а сигналите охрабрувачки. Останува само да се остварат.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 122. број на неделникот „Република“, 2.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст