| четврток, 6 декември 2018 |

Буцо Битбокс: Me прашуваат каква борачка вештина е битбоксот

Македонскиот битбоксер Мартин Атанасовски, познат како Буцо Битбокс, веќе четири години го развива талентот за оваа несекојневна вештина. Битбокс е создавање ритам и музика само со помош на јазикот и на устата, а неговите почетоци датираат дури и од 19 век во САД.

Во Македонија постојат само неколку млади битбоксери кои со заедничка соработка, секојдневно вежбање, тренинзи, но и преку настапите пред публика, стануваат вистински претставници на оваа музичка култура на Балканот.

Колку Македонците знаат што е битбоксер?

Буцо: Да бидам искрен уште е слабо познат тој поим кај нашиот народ, не знам зошто, но кога ќе има кажеш битбокс повеќето се чудат, ми се има случено повозрасни луѓе да ме прашаат каков вид борачка вештина е тоа. Но, сѐ повеќе и повеќе го разбираат и го слушаат. Се надевам дека ќе дојде време кога сите ќе знаат за што зборувам и што правам.

Од каде љубовта кон битбоксот?

Буцо: Љубовта кон ова чудо, што го викам јас уште, дојде непланирано, како некое изненадување ми дојде. Седев на интернет, налетав на некој си клип каде што еден човек прави ритам само со уста и останав зачуден како е можно тоа. Од тој момент многу се здружив со ова чудо и гледам многу убава врска си имаме.

Дали сметаш дека упорноста се исплати? Колку твојата упорност ти помага во пробивање во она што си го избрал да го работиш?

Буцо: Упорноста во секоја работа е најважниот дел за да успееш во тоа што го сакаш, без тоа ништо не правиме. Морам да кажам, ми има помогнато многу, да не сум бил толку упорен да се пробивам, да се ангажирам, не би бил и на ова место каде што сум сега.

Каде најчесто настапуваш?

Буцо: Најчесто настапувам низ Македонијам, во последно време со различни диџеи во клубови и во кафулиња.

Каде се следните закажани настапи?

Буцо: Следните настапи почнуваат уште вечер , во „Локал 105“ во ТЦ „Соравиа“ со диџеј Пимп, а в недела ќе бидам специјален гостин на журка во кафе „Чао“ заедно со диџеј Мац и со диџеј Пимп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top