| четврток, 6 декември 2018 |

Предлог-законот за високо образование на комисиска расправа во Собранието

studenti

Во Собранието на Република Мкаедонија денеска ќе се одржи седница на Комисијата за образование, наука и спорт, на која во второ читање треба да се разгледува предлог-законот за високо образование.

Седницата на Комисијата требаше да се одржи вчера, но беше одложена за еден ден во очекување нови предлози и за евентуално подобрување на предлог-законот за високо образование.

Претседателката на Комисијата, Олга Најденовска, тогаш изјави дека единствена причина за одложувањето е да се остави време за сугестии во однос на пакетот образовни реформи.

– Како претседател на Комисијата за образование, наука и спорт, заедно со сите членови на Комисијата, сметам и сметаме дека е добро и полезно да оставиме уште време да пристигнуваат мислења, сугестии и идеи во врска со предложените дополнувања и измени на закони кои се на дневниот ред на седницата на Комисијата – изјави Најденовска.

На дневниот ред ќе бидат седум предлог-закони во второ читање:  за изменување и дополнување на Законот за основното образование, за изменување и дополнување на Законот за средното образование, за изменување и дополнување на Законот за високото образование, предлог-закон за Академијата за наставници, предлог-закон за наставници во основните и средните училишта, предлог-закон за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење и предлог-закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование (за педагошки факултети).

Осма точка на дневниот ред е Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на Универзитетот „Св. Килимент Охридски“ – Битола (прва фаза).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top