На Буџетот на Црна Гора за 2015 година ќе му недостигаат 634 милиони евра, што е еднакво на 17,9 проценти од црногорскиот бруто домашен производ (БДП), покажуваат најновите пресметки на Министерството за финансии во Подгорица.
Како што пренесуваат црногорските медиуми, овие средства Црна Гора најверојатно ќе ги обезбеди со емисии на обврзници на домашниот и на странски пазари, преку издавање на државни записи или преку земање кредити.
Министерството за финансии меѓутоа тврди дека засега не е планиран никаков кредитен аранжман со Меѓународниот монетарен фонд.
Според Министерството, за оваа година е планиран дефицит на црногорскиот Буџет во износ од 235,8 милион евра или 6,6 отсто од БДП, од кои 206 милиони евра се наменети за изградба на патната инфраструктура.
Покрај ова, црногорскиот буџет ќе биде оптоварен и со отплата на долг во висина од 400 милиони евра или 11,2 проценти од БДП, па затоа Министертсвото разгледува нови задолжувања во износ до 650 милиони евра.
Сепак, и покрај ваквите песимистички прогнози, Подгорица не очекува натамошно намалување на нејзиниот кредитен рејтинг во текот на оваа година.
Во својот последен извештај бонитетната агенција „Стандард и Пурс“ го намали кредитниот рејтинг на Црна Гора, имајќи ги пред вид трошоците околу планираната изградба на патната инфраструктура и влијанието на јавниот долг.
Државниот долг на Црна Гора на крајот на септември минатата година изнесуваше 1,97 милијарид евра, што е 57,9 отсто од црногорскиот БДП, а за оваа година се прогнозира негово зголемување на 58,7 проценти од бруто домашниот производ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.