Хрватскиот министер за внатрешни работи, Ранко Остојиќ, порача денеска во Загреб дека Хрватска е подготвена да спречи терористички напад како вчерашниот врз редакцијата на сатиричниот неделник „Шарли ебдо“ во Париз, во кој 12 лица загинаа, а 11 беа ранети.
– Хрватска не е земја, која е имуна на можен терористички напад, но одговор за тоа имаме, тоа значи дека се бориме систематски – наведе Остојиќ пред седницата на Владата.
Министерот нагласи дека пред три дена во Вараждин е пресечен синџир за снабдување со оружје, кој, како што рече, сигурно е поврзан со терористички групации.
Остојиќ истакна дека нема информации дека во Сирија на страната на Исламска држава се борат хрватски државјани и додаде дека исламската заедница во Хрватска е исклучително добро инкорпорирана во хрватското општество.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.