
Долговите на земјоделците за закуп на земјиште, водниот надомест, пашарината и јавните давачки ќе им се пребиваат од субвенциите, предвидуваат најновите измени на Законот за земјоделство и рурален развој кои денеска го поминаа првото читање во матичната собраниска комисија.
Со ваквото решение, рече заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, Владата уште еднаш им излегува во пресрет на производителите.
– Ова е едно од круцијалните барања на земјоделските здруженија. Го разгледавме и одлучивме да им излеземе во пресрет – истакна Костадиновски, образложувајќи го предлог текстот.
Согласно измените, составот на Агросоветот се проширува со претставник и од руралниот туризам како многу битен сегмент од македонската економија, се планираат средства за субјекти кои сакаат да вршат доедуцирање на земјоделците, како и се дозволува давање на орто-фото снимките со кои располага Министерството за земјоделство на трети лица за подобро организирање и планирање на производството.
– Дополнителното неформално образование преку различни семинари, курсеви и предавања значително ќе го подигне нивото на земјоделците, ќе го направи многу попрофесионален нивниот пристап кон производството и дејноста воопшто – нагласи заменик-министерот.
Членовите на Комисијата ги поздравија измените и ги поддржаа во целост.
– Одлуката за пребивање на долговите преку субвенциите е одлично решение. Ќе ги растовари земјоделците од досегашните грижи за евентуално задоцнето намирување на обврските и ќе им овозможи навремено реализирање на производството – потенцира Љупчо Димовски од Социјалистичка партија.
Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ се согласи со потребата од доедуцирање на земјоделците, но, поприоритетно е, укажа, нивното информирање.
– Земјоделците, барем од она што го кажуваат на терен, најчесто доцна дознаваат за мерките што ги воведува Платежната агенција и поради тоа ги пропуштаат роковите, односно не аплицираат со соодветни проекти – посочи Бонева.
Нејзината сугестија ќе биде земена предвид и, како што рече заменик-министерот, сигурно ќе се спроведе во пракса со цел надминување на постоечките слабости.
Комисијата на денешната седница ги поддржа и измените на Законот за производи за заштита на растенијата со заклучок дека може да се дадат на натамошна процедура во Собранието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


