Трошоците на животот во декември 2014 година, во споредба со истиот месец од 2013 година се намалени за 0,5 отсто, а цените на мало за 2,3 отсто. Трошоците на животот лани во декември останале на исто ниво како во ноември, а цените на мало се намалиле за 0,3 отсто. На годишно ниво, пак, трошоците се намалиле за 0,3 отсто, а цените за 0,9 проценти.
Според податоците на Државниот завод за статистика, намалување на трошоците на живот во декември во однос на ноември 2014 е забележано во групите: Рекреација и култура за 3,9 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 1,6, Транспорт за 1,4, Ресторани и хотели за 1,2, Храна и безалкохолни пијалоци и Комуникации за 1 и Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2 отсто. Пораст има во групите: Здравје за 7,9 проценти, Алкохолни пијалоци, тутун за 4, Останати стоки и услуги за 1,6, Облека и обувки за 0,7 и Образование за 0,1 процент.
Намалување на цените се бележи во групите: Услуги за 1,6 отсто, Индустриско-прехранбени производи за 0,8, Индустриско-непрехранбени производи за 0,6 и Земјоделски производи за 0,2 отсто. Пораст на цените има во групата Пијалаци за 1,1 процент.
Иако трошоците на живот во декември 2014 година останале на исто ниво како во ноември пораст е забележан кај свежиот зеленчук за 10,5 отсто и кај трајните колбасичарски производи за 0,3 проценти. Пораст има и кај информатичката опрема за 2,9 отсто, пакет-туристичките аранжмани за 2,8, велосипедите за 1,3, сметот од домаќинствата за 1,1, гасот за домаќинствата за 0,9, апаратите за домаќинствата за 0,3 и алатите и опремата за куќа и градина за 0.2 отсто.
Намалување на трошоците на животот се бележи кај овошјето за 7,8 проценти, маслото и маснотиите и шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,2, јајцата за 0,7, рибата за 0,4 и конзервираната риба за 0,3 проценти. Намалување има и кај авионскиот превоз на патници за 12,3 отсто, течните горива за домаќинството за 6,8, течните горива и мазива за 5,4, опремата за спорт и кампирање за 1, домашните миленици, храната и услугите за нив за 0,5 и средствата за чистење и одржување на станот за 0,4 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.