| четврток, 6 декември 2018 |

Европратениците во шок: Ова е атака на симболот на слободата на изразувањето

евро

Удар врз цивилизираното општество, атака на симболот на слободата на изразувањето, да внимаваме овој вирус да не се прошири насекаде низ Европа! Ова е реакцијата на пратениците во Европскиот парламент на терористичкиот напад на францускиот магазин „Шарли ебдо“, во кој 12 лица го загубија животот, а кои денеска со едноминутно молчење пред зградата на Европарламентот во Брисел им оддадоа почит на жртвите.

– Ова е досега невиден криминал. Насилството во овој криминален акт нè шокираше сите. Ова е удар врз цивилизираното општество – посочи претседателот на ЕП, Мартин Шулц, јави дописникот на МИА од Брисел.

Фили Ламбертс од редовите на „зелените“ го нарече хорор нападот над францускито магазин, посочувајќи дека се работи за „атака на симболот на слободата на изразување во нашите земји“.

– Мора да избегнеме инстиктивни реакции и да кажеме дека сега треба да се забарикадираме, да ја забарикадираме демократијата со железна жица за да бидеме сигурни дека сме заштитени – предупреди европратеникот Ламбертс.

Џани Питела од таборот на Социјалистите и демократите, пак, посочи дека нема никакво оправдување за овој грозен акт и алармираше:

– Мораме да бидеме внимателни овој вирус да не се прошири низ Европа. Денеска, повеќе од секогаш – сите сме Французи! – истакна Питела.

Претседателот на најбројната партија во Европарламентот, Манфред Вебер од таборот на Европската народна партија (ЕПП), истакна дека ова е напад на европскиот начин на живот, на слободата, на слободата на медиумите, слободата да се каже било-што што некој мисли дека е исправно.

– Затоа е важно во моментов да останеме обединети, да ги најдеме извршителите и на сите да им соопштиме дека нема да потклекнеме под овој притисок – рече Вебер.

Претседателот на Европските конзервативци и реформисти во Европарламентот, Сајед Камал, истакна дека се работи за срамен акт и дека мислите на сите европратеници се со вработените во Шарли Ебдо, со карикатуристите и полицајците што го загубија животот.

– Важно е да запаметиме дека многу важен принцип насекаде низ Евроопската унија е идејата за слободата на медиумите – истакна Камал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top