Од каде е обичајот да се посакува среќа само на 1ви јануари?
Некогаш ноември бил деветиот, а декември десеттиот месец. Нова година се славела во март.
Во нашата ментална матрица има едно моќно правило коешто налага Новата година да си ја честитаме и да ја славиме само во ноќта меѓу 31 декември и 1ви јануари. Еуфоријата на најлудата ноќ можеме да ја искористиме за прашањето, што освен руската салата и сармата може да нè направи среќни, а среќата да не е наменска и испровоцирана од потребите на мигот?
Ако ја изземеме новогодишната шопинг треска и присилното неуротично организирање на „забава“, само затоа што така налага календарскиот обичај, што друго?
Малите нешта. Најголемата мала работа е да направиш некого среќен по пат на искрено споделување, кога и самиот најмалку очекуваш. Зад малите изненадувања стојат големи концерни на надеж коишто во синџирот отрезнувачки неуспеси се алката што никогаш нема да попушти.
Робот правосмукалка. И секаков друг вид роботика во кујната.
Робот за производство на чувство на безгрижност.
Признавањето на сопствените грешки. Отарасувањето од мислата дека сте родени да грешите. Прифаќањето на мислата дека сте родени за среќа.
Ако животот е продолжена рака на мислите што невидливо ви се врткаат низ умот, имањето барем минимум увид во содржината на врткањето.
Некоја анти-стрес терапија што ќе ве направи имуни на сите пост новогодишни главоболки поврзани со светската криза и зголемувањето на цената на нафата.
Рајот на земјата. Нива на која може да се насади билка со чијашто фотосинтеза ќе ги преживеете сите закани на современите невидливи војни. Вклучително пропагандните пораки што ве мамат со производи што дури и да можете да си ги дозволите, нема да ви изнудат насмевка. Но како однапред да знаете дека станува збор за лага?
Како да препознаете дали сонувате, доколку штипкањето по образите не дава резултат? Радоста треба да е еден од основните начини за мерење на јавето.
Најтешко од сè е да ви текне дека сонувате во самиот сон. Толку многу сте убедени во реалноста на сонот што на крајот ве фаќа очај.
На истиот принцип работи стравот: ви ја става под нос веста дека исчезнал уште еден малезиски авион. Уште еден брод со две-три илјади мигранти се превртел во ладните води на Јонското Море.
Кој е вашиот одговор на таквата вест?
Како може да имате удел во уривањето на силните машини со метални крилја без воопшто да сте се поместиле од каучот во својата дневна соба? Уделот е во наседнувањето.
Наседнувате верувајќи во сè што ви се сервира на тацната на екранот. Сонот најчесто ја турка својата приказна и го држи нашето внимание закачено на морбидни детали коишто со симулакрумска умешност ја градат структурата на кошмарот. Мирен тинејџер наеднаш полудува и со ловџиската пушка на својот дедо убива половина од населението на тивкото планинско гратче. Затоа е добро далечинскиот управувач да се држи на готовс и со антиципаторска накострешеност да се менува каналот. Или агенцијата за информирање да мора да плаќа највисок можен данок за секоја лоша вест. Така можеби ќе престане да важи правилото дека само лошата вест е добра вест.
Сè може да биде така како што ќе посакате. Доказ за тоа е детството.
Ако желбата не ви се остварува и животот не тече баш како што сте посакале, проверете си ги мислите. Можеби нешто се поткраднува без да забележите. Понекогаш токму обидите за свесно контролирање на текот на нештата се единствената пречка да се оствари посакуваното. Во мигот кога ќе почувствувате дека „сакам“ е еднакво на „не сакам“, значи дека сте се ослободиле од стисокот на опсесивната потреба да се биде среќен затоа што тоа го налагаат малограѓанските ритуали на лицемерен натпревар во несреќа. Единствениот натпревар во кој посакуваш да си последен, но немаш среќа и ненамерно, во поголемиот број случаи избиваш меѓу првите.
Еднаш слободен од непотребните ритуали, не значи секогаш слободен. Но барем до следната Нова година, сигурно.
Среќата е материјалот од кој сме направени.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст



