Претседателите на одборот за надворешна политика во Думата и Советот на федерацијата го поздравија денеска залагањето на францускиот претседател Франсоа Оланд за укинување на санкциите кон Русија, истакнувајќи дека тој се залага за „намалување на напнатоста“, ни и дека укинувањето на санкциите не треба да се поврзува со напредокот во решавањето на украинската криза.
Претседателот на надворешнополитичкиот одбор на Думата, Алексеј Пушков, на неговиот профил на „Твитер“ напишал дека Оланд, за разлика од германската канцеларка Ангела Меркел која ја изгубила улогата главен партнер на Москва во преговорите, ја избрал линијата за намалување на напнатостите помеѓу ЕУ и Русија, пренесува „Тасс“.
Претседателот на Комитетот за меѓународни прашања во Советот на федерацијата, Константин Косачов, го поздравил говорот на францускиот претседател, но изразил и разочарување што укинувањето на санкциите се поврзува со напредокот во решавањето на украинската криза.
Косачов, исто така, ги повикал лидерите на ЕУ во однос на санкциите да се раководат од здрав разум а не од емоции.
Според Косачов изјавата на Оланд не може да се смета како знак на раскол во политичката елита на ЕУ бидејќи „единствен фронт“, според него, никогаш и немало.
Рускиот сенатор е уверен дека Брисел треба да ги послуша и гласовите што доаѓаат и од Унгарија, Словачка и Финска, кои од самиот почеток беа многу скептични кон воведувањето на санкции.
„Напредокот во решавањето на украинската криза не зависи од позициите на Русија или некои други страни. Тој зависи од постапувањето, пристапот и позицијата на украинските власти“, рекол Косачов, повторувајќи дека украинската криза е „внатрешна“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


