Околу 18 илјади расипани торти биле украдени од депонија во Крагуевац и биле продавани низ цела Србија – објави српски „Блиц“. Според медиумот поради ваквиот чекор иле суспендирани 10 работници на локалното комунално претпријатие.
Постои сомнение дека работниците во организирана акција тортите собрани од отпад им ги продавале на граѓаните. Според директорот на „Чистоќа“, Дејан Раониќ, кражбата се случила на 24 декември, а низ цела Србија оттогаш биле продадени неколку илјади торти од депонијата.
Се започнало откако во приватна фирма што прави торти исклучиво за извоз во Европска Унија се расипал еден од фрижидерите. Инспекцијата решила сите торти да се фрлат на отпад. На тортите се појавил тенок слој мувла, па било наредено да се ископа дупка и сите торти да се закопаат на депонијата.
– На снимките од видео-надзорот може да се види како тортите се одвезуваат со трактори, па дури и со службен камион што служи за превоз на погломазен отпад. Суспендирани се сите, од шефовите, па до обичните работници – изјавил Раониќ.
Тортите, откако инспекцијата решила да бидат фрлени, на депонијата стигнале спакувани и замрзнати. Станувало збор за 13,5 тони торти кои биле продавани по „многу поволни цени“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.