Ако треба да се избира кој е настанот што ја обележи дипломатската активност на македонската држава, тој ќе треба да се бара во најголемата и најмоќна земја во ЕУ, Германија. Во конкуренција влегуваат неколку изјави на високи германски политичари, пред сè на канцеларката Ангела Меркел и на министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, и конференцијата што официјален Берлин ја организираше за земјите од Западен Балкан во август. Сепак, за авторот на овој текст најважен момент е еден мал и навидум неважен чекор на германската канцеларка направен на конгресот на нејзината партија ЦДУ која пред две недели со убедлива поддршка ја избра за свој старо-нов лидер.
Се работи за моментот кога во текот на својот завршен говор Ангела Меркел земјава ја спомна како Македонија, а не со референцата од Обединетите нации. Се разбира, по дваесетина години битка за употреба на уставното име веќе не е вест кога некој ќе нè нарече Македонија, но, сепак, во оваа ситуација мора да се следи контекстот. Само еден месец претходно шефот на германската дипломатија од конференција на институтот Аспен призна дека Германија не може да ѝ нареди на Грција да се однесува соодветно, а во јули канцеларката изјави дека на некој начин мора да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на Европската унија.
Советниците на Меркел точно знаат дека нејзиниот говор ќе го следат и гостите на конгресот од Грција, а и дека транскриптот од говорот веднаш ќе стигне во Атина на масата на Самарас. Секако едно спомнување на зборот Македонија не значи дека нешто драматично е променето во германските позиции по секоја цена да се брани Самарас со цел да се спречи банкрот на Грција и пад на еврото. Сепак, јасно е дека Меркел, без разлика дали тоа го сторила намерно или случајно, нема дилеми кое е името на земјава и, во крајна линија, кој е во право во грчко-македонскиот спор за името. Ако на тоа се додаде нејзината лична аспирација да помогне во решавање на спорот, може да се надеваме дека германската дипломатија во 2015 година ќе преземе чекори во тој правец. За тоа да се случи, секако, пред сè, треба да се обезбеди на чело на Грција да не дојде левичарот Друцас, кој се закани со низа мерки што не им одговараат на Берлин и на Брисел. Во секој случај, шансите в година да се најде финално решение за името остануваат минимални.
Што кажа Меркел во јули во Дубровник
Тогаш Меркел беше оптимист дека може да се најде решение за тоа прашање.
„Мислам дека може и мора некако да го решиме тоа. Јас лично се вклучив во тоа и размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли“, рече Меркел.
Германија, како што подвлече, е подготвена на конструктивна соработка за решавање на ова прашање, но додаде дека не се може без компромис.
– Во Германија велиме компромис е кога сите вклучени се еднакво незадоволни. Кај компромис не може да очекувате дека сè ќе заврши. Но, кога сите се еднакво незадоволни, тоа е фер компромис. Мора на некој начин да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на Европската унија – истакна германската канцеларка пред осумте лидери од Југоисточна Европа.
Иванов во Москва
Друг настан што по посетата на рускиот митрополит одговорен за надворешната политика на Руската православна црква доби ново значење е посетата на претседателот Ѓорге Иванов на Москва во февруари. Тогаш на средбата рускиот патријарх Кирил даде поддршка за православието во Македонија без да го спомне воопшто Вранишковски или да најави некакви црковно-дипломатски потези во правец на смирување на состојбите. Иако од кабинетот на Иванов, и тогаш и сега, не сакаат да дадат повеќе детали од тие што тогаш беа објавени во јавноста, не е тешко да се претпостави дека посетата на митрополитот Иларион има некаква врска со средбата меѓу Иванов и рускиот патријарх. Особено затоа што ако сè оди во најдобар ред, претседателот на Македонија ќе треба да стави параф на помилувањето за српскиот егзарх.
Посетата на премиерот на Саудиска Арабија
И покрај директниот обид на поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија преку свои верски канали да ја спречи посетата на премиерот Никола Груевски на Ријад, тоа не се случи. Премиерот за кратко време беше примен од највисоките претставници на Судиска Арабија, една од најбогатите земји на светот кои деновиве ја покажаа сета своја моќ со намалувањето на цената на нафтата, што им носи голема штета пред сè на Русија и на САД, а потоа и на Иран и на Венецуела. Иако од оваа посета сè уште нема конкретни договори или инвестиции, посетата е важна и поради друга причина. Во Македонија е урнат митот дека Груевски е ексцентричен демохристијанин кој како член на европската десница има предрасуди за исламските земји и воопшто за исламската култура, како што тоа го толкуваат и го наметнуваат дел од неговите критичари. Посетата на Саудиска Арабија, која западните медиуми и невладини организации ја сметаат за една од извозниците на радикален вахабизам, покажа дека кога се работи за државен интерес, идеологијата не може да биде поважна од можноста да се донесат инвестиции.
Дипломатски срамови
На Македонија во 2014 година ѝ се случија два тешки дипломатски гафа откако двајца избрани амбасадори не заминаа на местата за кои беа избрани и за кои се подготвуваа. Првиот пат тоа се случи со експреговарачот за името Никола Димитров, кој се откажа од амбасадорската позиција во Москва и остана да работи на престижен меѓународен институт во Холандија. Вториот пат истото се случи со Ненад Колев, еден од најталентираните македонски дипломати, кој од засега непознати причини се откажа од амбасадорското место во Берлин. Со тоа во еден ист период, кој не може да се нарече историски, земјата остана без амбасадори во две од неколкуте главни светски политички и економски дестинации. Ако на тоа се додаде и инцидентот во Москва од каде што вршителот на должноста заминал на одмор без да ја информира централата во Скопје, тогаш е јасно дека во 2015 година македонското Министерство за надворешни работи ќе мора да ги промени процедурите и да обезбеди во иднина националната дипломатија да не може да зависи од човечка грешка или поведение.
Пишува: Горан Момироски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст