| четврток, 6 декември 2018 |

Професор Бимбиловски: Објавувањето на научните трудови е влог во идните генерации

Мислам дека сите предложени мерки ќе придонесат за зголемување на квалитетот на високото образование. Но не мислам дека тука треба да се застане. Според мене, секогаш има простор за подобрување на високото образование.

Ова го истакна професор доктор Иван Бимбиловски од универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

-За мене дефектна е логиката дека не треба да се подобрува една работа се додека не се создадат услови да се подобрат сите работи. Ние на универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид размислуваме за нови подобрувања на состојбите во високото образование и за унапредување на квалитетот. Работиме на развивање на нови студиски програми на англиски јазик, планираме да ја преструктуираме наставата од семестрална во модуларна, настојуваме да воведеме обврска за секој професор да донесе меѓународен проект како начин да се зајакне финансиската база за научната работа на универзитетот, истакна тој.

Тој истакна дека размислуваат на третиот циклус на студии да се воведе таканаречен сеопфатн испит кој би се полагал усно пред меѓународна комисија составена од светски познати професори на англиски јазик, како услов за премин во втората година на докторските студии и стекнување на статусот докторски кандидат.

-Објавувањето на научните трудови пред се е показател за особен придонес на науката и истражувањето, влог во идните генерации. Колку повеќе вложуваме во себе, толку повеќе ќе бидеме ценети од колегите во светот. Тоа е еден од начините како македонската наука да се афирмира во светот, ние имаме професори во Македонија кои веќе успешно се справуваат со новите предизвици, но сметаме дека секогаш може повеќе и подобро и настојуваме што повеќе од нашите професори да објавуваат трудови во списанија со импакт фактор и тоа е обврска во самите договори за работа, заклучи тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top