По пауза од повеќе од две години актерот Игор Стојчевски повторно е во главна улога, овој пат во претставата „Човекот што го изеде светот“, која неодамна имаше премиера во Драмски театар во Скопје. Стојчевски го играше ликот на безимениот, ХХХХ, во современата драма на германскиот автор Нис Моме Штокман. „Човекот што го изеде светот“ е еден од најпоставуваните текстови на европската сцена. Оваа претстава ни дава да ѕирнеме во едно семејно секојдневие, или, пак, во животот на сите ликови одделно. Ја раскажува приказната за нездравиот однос меѓу родител и дете, еден пропаднат брак, едно изневерено пријателство, едно бавно индивидуално пропаѓање, болно во својата бавност, вели режисерката на претставата Билјана Радиноска.
Иако го немаше две години на театарската сцена, Стојчевски (36) во меѓувреме работеше на филмовите „Соба со пијано“ и „Трето полувреме“, а денес, освен во „Човекот што го изеде светот“, на сцената на Драмски настапува и во „Хамлет“. Публиката го памети како извонредната Џулиета во „Ромео и Џулиета“, претстава во која сите ликови, и машки и женски, ги толкуваа машки актери, потоа во „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, „Ангели во Америка“ и други.
Две недели по премиерата на претставата „Човекот што го изеде светот“, какви се твоите впечатоци? Дали стигнаа до тебе реакциите на публиката?
СТОЈЧЕВСКИ: Уште вечерта, по премиерата, имаше многу реакции. Досега не ми се случило по премиера толку многу луѓе да дојдат и да ги споделат своите впечатоци од претставата. Навистина имаше многу позитивни реакции, слушнав многу коментари за мојата улога, за другите колеги во претставата и такви коментари одамна немав чуено за некоја претстава. Сите позитивни критики беа за актерската игра во претставата, како и за актуелноста и атрактивноста на текстот на Нис Моме Штокман.
Билјана Радиноска првпат режира во институционален театар, надвор од независните проекти. Какво сеќавање носиш од работата со оваа млада режисерка?
СТОЈЧЕВСКИ: Со Билјана првпат се запознавме уште на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје и заедно соработувавме на една нејзина испитна претстава „Трамвајот наречен желба“. Во таа претстава беше и актерот Димитрија Доксевски, кој, исто така, игра во „Човекот што го изеде светот“. По долго време, се среќаваме во Драмски театар. Можам да кажам дека имавме супер процес. Драго ми е што можам да направам паралела со тоа што сме го работеле на ФДУ, како студенти и сега, по толку години. Таа одлично си ја работи работата и одлично го водеше целиот процес, кој беше беспрекорен. Немавме никакви турбуленции, ниту, пак, какви било несогласувања што се типични кога се работи креативна работа во која има многу чувства, а да не заборавиме дека се работи со луѓе со разни табиети.
До крајот на месецот ја очекуваш и премиерата на филмот „Чекај ги парите“. Каква улога толкуваш? Која е приказната на филмот?
СТОЈЧЕВСКИ: Филмот е поделен на два дела и обработува современа тема, од периодот на војната на Косово и десет години подоцна. Филмот говори за пријателството, за луѓе што го одржуваат својот збор и за луѓе што, едноставно, даваат збор без да размислат, ветуваат без да знаат што ветуваат. Првиот дел е наречен „Нови пријатели“, а вториот „Стари пријатели“. Во филмот јас толкувам лик на војник на НАТО, кој го користи целиот хаос што владее и почнува да се занимава со црн бизнис, тргување со артефакти, икони, крадени од цркви и манастири низ Балканот, кои завршуваат на црните пазари во Европа и светот. Поради неговиот карактер и избрзаност сето тоа на крај завршува фатално за него.
Како е да се биде актер во Македонија денес? Има нов бран имиња. Дали со тоа се смени и статусот на актерот, но и на театарот?
СТОЈЧЕВСКИ: Нови генерации постојано доаѓаат во театар и секогаш носат нова енергија, нова свежина, контакт со денешното време. Меѓутоа, мислам дека освен квантитетот на таа енергија, недостига одреден квалитет, кој театарот го бара за да го издржи ова време. Не мислам дека театарот треба да се бори со филмот и со други медиуми, меѓутоа, мислам дека недостига вистинска креативна, квалитетна енергија посебно од новиот бран. И ова не се однесува само на актерите, туку и на режисерите, драматурзите, сценографите… Денес недостига да се живее за театарот. Некако се изменија работите. Луѓето очекуваат повеќе да живеат од него, а не за него и за уметноста.
Работеше во „Соба со пијано“, „Трето полувреме“, во претставите „Хамлет“, „Ромео и Џулиета“, „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“… Имаш искуство и на филм и во театар. Каде, во кој медиум уживаш повеќе?
СТОЈЧЕВСКИ: Не можам да решам во што уживам повеќе. Двата медиума имаат свои убавини, но и свои тешки страни. Убавината и комплексноста во театарот е тоа што тој е жив медиум и се занимава со сегашноста. Дејството се случува пред очите на публиката. Убавината на професијата е во тоа да се издржи достојно и доследно целото тоа време и во тоа парче од живот што гледачите доаѓаат да го видат и се случува пред нивите очи. Во филмот комплексноста е во тоа што филмот ретко кога се снима во континуитет, се случува првиот и последниот кадар да се снимаат во ист ден, во иста просторија, а актерот треба меѓу тие два кадри да го преживее целиот филм. Затоа филмот бара поинаква концентрација за да се одржи таа доследност што ја бара ликот.
Во драмата „Ромео и Џулиета“ ја толкуваше улогата на Џулиета. Што е полесно, да се биде маж или жена денес?
СТОЈЧЕВСКИ: Гледајќи што се случува денес во светот и во општеството, мислам дека жената сѐ повеќе и сѐ почесто презема доминантна улога, како на професионален план, така и на приватен план во семејството. Има многу успешни жени, со свој бизнис, кои имаат и свое семејство. Мислам дека доаѓа ново време во кое сѐ почесто ќе гледаме такви успешни приказни на успешни жени. Доаѓа времето кога жената ќе биде таа што ќе владее со светот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст