КАРОЛИНА ГОЧЕВА
Македонското девојче ја зграпчи за брада 2014 година. Со рекордни седум концерти само во Скопје и неколку низ Македонија во помалку од 11 месеци, со песни што уште сега слободно можат да се наречат евергрини, и со најпродаван албум, ова е една од најуспешните години во кариерата на Каролина Гочева.
– На овие концерти Каролина, со проектот „Македонско девојче“ ја видоа повеќе од 11.000 луѓе. За квалитетот, за задоволството на публиката, за насмеаните и, исто така, и за расплаканите лица нека зборува некој друг – велат од нејзината матична куќа „Авалон продукција“.
Каролина е и првата пејачка од Македонија на која ѝ успеало неколку пати низ годините да ја наполни салата „Борис Трајковски“.
Многумина се согласија дека стилот на песните од двата проекта „Македонско девојче“ го вади најдоброто од неа. Овој стар македонски призвук, мелодии како мевлем за душобол, енергијата меѓу Каролина, музичарите на сцената и авторот на песните Николче Мицевски, не се успех само за тимот, туку се непроценлив белег во македонската музичка историја.
ТАМАРА ТОДЕВСКА
Можеби е втора на фестивалите, но е прва на топ-листите. Нескротлива во животот, нескротлива и во музиката, на Тамара Тодевска годинава ѝ успеа да нѐ натера со нетрпение да ја очекуваме секоја нејзина следна песна.
– Мене ми е Тамара секогаш прва, и пред прва ми е прва. Но, тоа е така, не можеш да бидеш поп во сопственото село. Историјата се повторува, и јас секогаш бев втора во Македонија – вели Тијана Дапчевиќ за помладата сестра.
Секогаш неконвенционална, Тамара беше една од ретките, а можеби и само една, која низ годините носеше поинаков звук на сцената. Ритам и блуз, соул, џез, песни што и по десет години звучат свежо. Сепак, последните две години и повторната соработка со композиторот Роберт Билбилов, како и текстовите на Игор Џамбазов, ја ставија Тамара на врвот.
„Тажна љубов, среќна песна“ беше прогласена за апсолутен радиски хит, а додека ја слушаме „Брод што тоне“ очекуваме дека, конечно, Тамара ќе издаде и албум.
Покрај успесите на сцената, 2014 година Тамара ќе ја памети како годината кога Александар Димитровски – Мачка стави свршенички прстен на нејзината рака.
ЕЛЕНА РИСТЕСКА
Можеби предолго ја нема со нова песна или со албум, но во 2014 година Елена Ристеска нѐ потсети зошто со години ја вбројуваме меѓу најдобрите македонски пејачки. Годинава на музички план ја обележи нејзиниот ангажман во „Твоето лице звучи познато“, а нејзините трансформации добиваа пофалби од целиот регион. Гласовите на публиката беа пресудни таа да стигне и до финалето на музичкото шоу, иако во полуфиналето пееше со настинати синуси, терапија од инјекции и со двонеделен постојан лекарски надзор.
Белег на шоуто остави најмногу со улогата на Есма. Ни шминката ни вештачката кожа не пречеа „Зајди, зајди“ да ги расплаче колешките, да ги остави со подотворена уста колегите, а одлепениот лажен мустаќ на Бане Мојичевиќ да зборува сам по себе.
– Само Македонка може така да ја испее „Зајди, зајди“ – рече водителот Иван Ивановиќ.
Тоа беше настап што допираше длабоко во една патриотска жичка, која секој од нас ја има колку и да не сака да признае.
Бидејќи шоуто е од хуманитарен карактер, победата во една епизода на Елена ѝ донесе 1.000 евра, кои таа ги подари во Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“.
САРА МЕЈС
Ако Џокси се слуша на Велигден, Сара се слуша на дожд. Заразната „Врне, врне“, е песната со која, конечно, секој дозна која е Сара Мејс, и за која и денес се кажуваат вицеви полоши и од врнежливото лето.
Сара Костадиновска односно Мејс (Mace) скратено од „Macedonia“, ретко кој го остави рамнодушен. Нејзината поинаква појава, темпераментот на уметник и специфичност што ја растресе македонската музичка сцена, ја направија оваа година нејзина.
Тоа со што добива најмногу поени, покрај впечатливиот настап и ексцентричноста, е тоа што таа е автор на своите песни, во кои најмногу доаѓа до израз нејзината уникатност.
Со почетокот на 2014 година почна и учеството на „Танц со ѕвездите“ каде што стигна и до финалето, шоу со кое ѝ се приближи на публиката.
Сара е една од ретките дипломирани харфистки од Македонија, а додека паузираше од овој инструмент поради повреда на тетивата, таа продолжи со изучување на џез и на поп-пеење на магистерските студии на Музичката академија во Бугарија.
Сара го има и најпровокативниот видеоспот за 2014 година, за „Намбареја“ со што само потврди дека не запира на патот до ѕвездите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст