Во Република Македонија досега се неуспешни сите обиди за легализација на сексуалната работа. Третирана како табу-тема, проституцијата,сепак,постои и се одвива тајно, што се должи на отсуството на сериозна дебата. Постојат различни мислења, најчесто „за“ и „против“ легализацијата на најстариот занает
Иако најстара професија, сексуалната работа во Македонија е сѐ уште табу-тема. Присутна во сите општествени системи, оваа професија предизвикувала различни реакции, од морални осуди, па сѐ до законско санкционирање или нејзино легализирање. Кај нас осудата во најголема мера се должи на длабоко вкоренетите традиционални и конзервативни вредности. Но, неспорно е дека во реалноста постојат различни животни приказни што влијаеле врз изборот на сексуалните работници. Мотивите поради кои се решиле на ваква работа можат да бидат различни, социјални, лични или финансиски.
Дваесет и осумгодишната Тина, сексуална работничка со трансродна сексуална ориентација, вели дека од проституцијата заработува многу повеќе отколку од стандардната работа што ја има во примената и унапредувањето на секундарната здравствена грижа. Затоа, попрво би се откажала од регуларната работа отколку од втората, која ѝ овозможува поголем комодитет.
– Се вклучив во сексуалната работа од своето полнолетство, сосема свесна за тоа што го избирам. Многу често економскиот статус игра значајна улога во тоа што ќе го одбереме да го работиме. Имам солидни квалификации, знаења и вештини од областа на медицината и тоа и го работам, пет дена во неделата. Слободна девојка сум, и ги користам викендите за да остварам дополнителна заработка – вели Тина.
Таа по сопствена волја, без никаква принуда, решила да се занимава со најстариот занает. Но, факт е дека има и девојки што не можат да избегаат од канџите на макроата, трпат насилство, физичка и психичка тортура. Некои се изложени на малтретирање од страна на клиентите, кога им ги земаат заработените пари или не ја плаќаат добиената услуга.
Дали е подобро да се легализира ако не може да се спречи?
Во Македонија сексуалната работа е незаконска, односно претставува прекршочно дело за нарушување јавен ред и мир. Отсекогаш постоеле поделени мислења за оваа тема. Многумина сметаат дека со нејзината легализација ќе се намали опасноста од сексуалнопреносливи болести и ХИВ/сида,затоaшто сексуалните работнички ќе поминуваат одредени лекарски прегледи и, секако, ќе мора дакористат соодветна заштита. Според поддржувачите наоваа иницијатива, на ваков начин ќе се намали насилството врз сексуалните работнички, како и злоупотребата на деца и на млади девојки што нудат сексуални услуги за малкупари.
Во 2004 година тогашните пратеници Иван Анастасовски и Есад Рахиќ направија обид со предлог-закон за легализација на проституцијата, кој заврши безуспешно. Со овој закон беше предвидено да се зголеми борбата против трговијата со девојки, да се промовира грижата за здравјето и безбедноста на сексуалните работнички и да се заштитат децата.
Голем број македонски граѓани, политичари, социолози и други стручни лица, пак, сметаат дека државата со легализација на сексуалната работа би дозволила ширење неморални вредности. Противниците на легализацијата тврдат дека клиентите и макроата, во системи каде што проституцијата е легална, се трансформираат во бизнисмени и легитимни претприемачи на сексуални услуги, а, од друга страна, нема да се намали бројот на сексуални работнички на улиците, ниту, пак, ќе се влијае врз проблемот со трговија со девојки.
– Апсолутно сум против легализација на сексуалната работа и отварање јавни куќи во Македонија, прво поради статусот што ќе го добие жената што нуди сексуални услуги, бидејќи ако тоа стане легална професија, жените ќе бидат обележани за цел живот – вели универзитетската професорка по социологија, Татјана Стојановска – Иванова.
Според неа, тврдењата од медицински аспект, за поголема заштита на здравјето на проститутките, не се оправдани бидејќи тие не можат по секој сексуален чин да прават здравствени тестови, а во текот на денот може да имаат 50 муштерии, на пример. Стојановска-Иванова посочува дека ХИВ/сида се открива по шест месеци, а не веднаш по извршувањето на тестот.
Таа додава дека во западноевропските земји каде што сексуалната работа е легална статистиката покажува дека проституцијата не е отстранета, напротив, бележи зголемување. Професорката смета дека е потребно кривично гонење за макроата или за лицата што ги принудуваат девојките да го прават тоа. Тврди дека и самите сексуални работнички, особено уличните, не би сакале легализација на нивната работа, поради повеќе причини, како што се плаќањето даноци на државата или ,пак, нивната емотивна и физичка истоштеност за да работат во јавни куќи.
Од друга страна, според здруженијата за заштита и унапредување на маргинализираните професии, во Македонија преовладува бројот на полнолетни луѓе што по сопствена желба ја избрале сексуалната работа како своја професија, за разлика од тие што се принудени на тоа.
Пишува: Јана Јосифоска
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.