Екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектите на далеководите во Охрискиот, Струшкиот и Дебарскиот регион. Поради непристапност на теренот селата на потегот Луково – Глобочица ќе останат без струја, а во меѓувреме ќе се работи на расчистување на патиштата.
Координативниот штаб, со кој раководи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска имаше состанок. Тој информира дека бранот со поголеми врнежи од снег кој не очекуваше викендов, не одминува.
– Според информациите од УХМР нема да има обилни врнежи во текот на викендот, ќе има мали врнежи на снег, но повторно ќе се задржи ладното време. Во сабота се очекува зголемување на температурите, а до петок ќе се намалува температурата, изјави Јанакиески.
На патниот правец Кичево-Осломеј ќе има краток прекин на сообраќајот, бидејќи треба да се доставува мазут до ТЕЦ Осломеј. Треба да се пробијат патиштата во неколку Струшки села за да се овозможи граѓаните да се преселат за определен период во околните градови.
Игор Гиевски од ЕВН информира дека нивни екипи заедно со компании со кои соработуваат трет ден се на терен со над 200 монтери во охридско и струшко и работат на санација на дефектите.
– Станува збор за планински и тешко пристапни предели, каде нашите луѓе со комплетната потребна опрема се движат пешки во снег, кој на одредени места достигнува еден метар. Вчера до доцните вечерни часови се работеше на потегот Струга – Суво Поле за да овозможат снабдување со електрична енергија на населените места Вевчани, Велешта, Подгорци и Октиси, но поради силен ветер, виулици и ниски температури екипите биле повлечени. Утрово во 7 часот продолжија, санирани се сите дефекти, сега се прави контрола на далеководот и за кратко ќе почне пробно пуштање, рече Гиевски, кој очекува дека за кратко населените места ќе добијат струја.
Тие, додаде, работат на отклонување на дефекти на далековод Суво Поле – Лабуништа за да се овозможи непречено напојување со електрична енергија во Лабуништа, Ташмаруништа и Боровец. Детектирани се повеќе дефекти.
– Во наредмните 7 до 10 дена додека не се исчистат патиштата на потегот од Луково – Глобочица, каде што се наоѓаат населените места Луково, Модрич, Дренок, Нерези, Пискупиштина и Јабланица, нема теоретски шанси за добивање на електрична енергија. Имаме голем број дефекти, местата се планински, непристапни и ќе се обидеме наредните денови да овозможиме пристап на екипите да се отстранат овие дефекти, рече Гиевски.
Во охридскиот регион се работи на два 35 киловолтни далеководи на потег Косел – Песочани, за да се оспособат со напојување Охрид – Дебарца.
– Работевме до раните утрински часови и три пати го пуштавме далеководот под напон, но по еден час работа испаѓаше. Отколнети се три дефекти на овој далековод, се прави нова проверка и се надеваме дека за 2 до 3 часа ќе почнеме со пробно работење на овој далековод, истакна Гиевски.
Екипите работат и на 35 киловолтната врска Охрид – Градиште. Се надеваме дека тука условте за работа се подобри и многу брзо ќе биде оспособен.
Во вондредно тешки услови се работи и во Реканскиот крај и Дебар со Центар Жупа на поставување нов 10 киловолтен далековод.
– Имаме срушени три 35 киловолтни столбови, кои паднаа врз 10 киловолтниот далековод и межата е комплетно во прекин. Од раните утрински часови се поставуваат столбови и се надеваме дека попладнево ако нема невреме или непредвидени услвои ќе се обидеме да обезбедиме струја и нормално напојување на овие села во Реканскиот регион, појасни Гиевски.
Екипи на ЕВН и на МЕПСО работат и на потегот Бошков Мост – Дебар за оспособување на далеководот према Центар Жупа. Гиевски очекува во текот на денот да добијат струја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.